Во следните недела до две ќе се знае дали од септември ќе почнат со работа градинките и училиштата. Веројатноста е голема, но да се усогласат сите протоколи, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Тој вечерва на гостувањето во емисијата „Само вистина“ рече дека во изминатиот период се одржани состаноци со министерствата за труд и социјална политика и за образование и оти се изготвени предлог протоколи за кои деновиве повторно ќе дискутира Комисијата за заразни болести за потоа следната недела на владина сендица да се утврди по кои правила ќе работат овие институции.
– Јасно е дека вирусот е тука и мора да научиме да функционираме со него. Не може децата да не одат во училишта, но мора да имаме подготвени превентивни протоколи по кои ќе се функционира во училиштата. Некои од принципите се помали групи, повеќе смени и пократко траење на часовите. Што пократко време во затворен простор и носење маски, рече Филипче.