Лидерот на албанската опозициска Демократска партија Љуљзим Баша, коменирајќи ја одлуката на Советот на Европската унија рече дека преговорите не се отворени, туку дека Албанија ќе може да почне преговори во јуни 2019 година доколку ги исполни условите.
– Ова е вистината, рече Баша.
Тој истакна дека Владата на Еди Рама и овојпат продолжува да ги лаже Албанците.
– Европскиот совет, кој е донесувач на одлуки, воопшто нема да го разгледа прашањето за отворање на преговорите, бидејќи Советот го одложи за најмалку една година. Дотогаш ќе се следи истата процедура од самиот почеток. Ќе има уште една дискусија со земјите на ЕУ. Преговорите не се отворени, но се вели дека постои можност Албанија да ги отвори во јуни 2019 година ако ги исполни условите. Владата на Еди Рама и овој пат продолжува да ги лаже Албанците. Неотпочнувањето преговори е лоша, горчлива вест и горчлива реалност, оценува Баша.
Неотпочнувањето на преговорите со ЕУ, според Баша, е поради „криминалот и корупцијата која ја запоседнала владата на Еди Рама“.
– Неотпочнувањето на преговорите е лично одбивање на Еди Рама, Саимир Тахири, Таулант Бала, Фатмир Џафај и други, сите поврзани со криминалот и дрогата. Тоа е конечно отфрлање на оваа манипулаторска политика, чија цел е да се затскријат кражбите, криминалот и корупцијата. Во ЕУ не се влегува со лажење, изјави лидерот на најголемата албанска опозициска партија.
Тој посочува дека криминалот и корупцијата ја држат земјата далеку од Европа и најави дека заедно со граѓаните ќе реагираат.
– Ние, заедно со граѓаните, ќе реагираме. Ова се чини и ќе заврши кога ќе имаме европска влада, зашто онаа што ја имаме денес не е влада. Опозицијата ќе стори се, ќе ја интензивира борбата против криминалот и корупцијата, за да го реализира членството на земјата во ЕУ. Главната загриженост на ЕУ е криминалот и корупцијата покренати од владата на Рама. Германците, Холанѓаните, Шпанците, главните земји на ЕУ ги кажаа главните причини за неотпочнување на преговори со Албанија а тоа е неказнувањето на корумпираните политичари, рече Баша.
Тој нагласи дека „во наредните месеци ќе биде потребно сите заедно длабоко да рефлектираат за чекорите што треба да ги преземеме”.
И третата по големина партија во земјата, опозициското Движење за социјалистичка интеграција, преку координаторот на пратеничката група и партиски потпретседател Петрит Васили, оцени дека „главен виновник што Албанија останала надвор од Европа е Рама и оти тој под итно треба да си оди“