Премиерот Зоран Заев испратил писмо до неговата светост, патријархот Вартоломеј, поглаварот на Цариградската патријаршија, во кое се навраќа на средбата во Истанбул на која беше побарана негова асистенција и заложба Македонската православна црква – Охридска архиепископија, да биде признаена како автокефална црква и да биде примена во заедницата на помесните православни цркви, се вели во соопштението на Владата објавено вечерва.

„Го почитуваме сето она што е одредено од меѓународните договори и состојби. Но, бараме да бидеме слободни и црковно во рамките на границите на нашата земја и нашите архиереи да сослужуваат со архиереите од сите православни цркви во светот“, се вели во писмото на премиерот Заев до неговата светост, патријархот на Цариградската патријаршија Вартоломеј.

Во писмото се истакнува дека православниот народ во нашата земја заслужува црковна независност која ја сонува веќе цел еден век и дека очекува да ја види Македонската православна црква – Охридска архиепископија признаена како автокефална, со благословот и со писмена одлука од првиот меѓу Христовите архиереи на земјата, цариградскиот патријарх Вартоломеј.

Писмото не е објавено интегрално, како што тоа беше во случајот со претседателот Пендаровски кој до Вартоломеј упати писмо со слично содржина, па засега не се знае дали во него Заев навистина ја ословува „нашата црква“ со нејзиното име – Македонска праволсавна црква – Охридска архиепископија. За „нашата земја“ веќе е јасно и од соопштението на Владата на Северна.