Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), водечка светска организација за одбрана на правата на новинарите, објави дека од почетокот на годината се убиени 94 медиумски работници, повеќето од нив во конфликтот меѓу Израел и Хамас, додека речиси 400 од нив се затворени.

ИФЈ наведува дека 68 новинари, од кои повеќето Палестинци, биле убиени додека известувале за конфликтот во Газа, што статистички претставува повеќе од еден дневно и 72 отсто од вкупниот број смртни случаи во медиумите оваа година.

„Војната Израел-Хамас е посмртоносна за новинарите од кој било друг поединечен конфликт откако ИФЈ почна да води евиденција во 1990 година“, наведува групата.

Украина останува на листата на „земји опасни за новинарите“ речиси две години по почетокот на руската инвазија, каде од почетокот на 2023 година беа убиени тројца медиумски работници, се додава во соопштението на ИФЈ.

Досега во Северна и Јужна Америка се убиени седум новинари кои загинале додека истражувале вооружени групи или проневера на јавни средства.

Во Африка се евидентирани убиства на четворица медиумски работници, за кои ИФЈ тврди дека не се доволно истражени.

Претходната година беа евидентирани вкупно 67 смртни случаи на новинари, од кои 12 беа убиени во Украина, додека во текот на 2021 година овој број беше 47.

Од 393 приведени новинари, најголем број има во Кина и Хонг Конг, Мјанмар, Турција, Русија и Крим, Белорусија и Египет, објави Меѓународната федерација на новинари.