Англиските прволигашки екипи нема да им дозволат настап во септемвриските мундијалски квалификации на фудбалерите кои треба да играат репрезентативни натпревари во земји од британската црвена листа за патувања поради ковид ограничувањата.

Образложувајќи ја одлуката, Премиер лигата соопшти дека играчите, кои би патувале во земји од црвената листа би пропуштиле најмалку два натпревари за своите екипи поради задолжителниот десетдневен карантин при враќањето во Велика Британија.

Според наводите на Премиер лигата, речиси 60 фудбалери би требало да патуваат во 26 држави кои се на црвената листа на британските власти.

– Премиер лигата едногласно одлучи дека нема да им дозволи на своите фудбалери настап на репрезентативни натпревари во земји од црвената листа. Одржани се опсежни разговори и со Англиската федерација, и со Владата, со цел да се изнајде решение, но на сила останува загриженоста за јавното здравје поврзано со патниците од земјите кои се на црвената листа, и тоа без исклучок, соопшти англиската Премиер лига.