Се одржа редовна седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Се разговараше за актуелната економско-политичка состојба, енергетските предизвици и активизмот на партиските тела и органи.

Беше разговарано за случајот со Алта банка, каде се нотираше деструктивното делување на опозицијата во насока на рушење на банката и губење на пари на илјадници граѓани. Антидржавното делување на Венко Филипче е во насока на подривање на системот, ширење на параноја и саботажа на банкарскиот систем. Беше изразено уверување дека институциите работат и дека ќе се најде решение со кое ќе се заштитат интересите на банката, информираат од партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски информираше за средбата со раководството на ВРЕДИ. Тој посочи дека на средбата биле дискутирани принципите на коалицијата, идните предизвици во делот на енергетските состојби, а за кадровските решенија дискусијата ќе продолжи во наредниот период.

Воедно, Извршниот комитет донесе одлука за теренска агенда на координаторите од Извршниот комитет за посета на општинските и месните комитети на партијата.