Владата и Министерство за надворешни работи се уште молчат за непримерни изјави на директор на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, дека Хрватска е „Усташка држава“, а владеачката хрватска партија ХДЗ ја нарече „фашистичка”. 
Овие изјави на Тозија, именуван владин државен функционер, предизвикаа бурни реакции како во Хрватска, така и во Македонија. 

Вчера реагираше и хрватската европратеничка Марија Петир, која на Фејсбук напиша: „После сѐ што господинот Горјан Тозија кажа, навистина е тажно што и натаму е на својата позиција. Хрватска и Македонија се пријателски земји и нашите два народа се блиски, па оттука единственото исправно нешто би било претседателот на Владата на Република Македонија да се огради од ваквите свои соработници и да му се заблагодари на соработката“.

Во Хрватска за навредите на директорот на македонската Агенција за филм Горјан Тозија реагираат нивни европратеници, познати уметници и новинари. Тие бараат остра реакција на хрватската Влада и очекуваат соодветна реакција на македонските власти. Вечерва за првпат за овој случај се јави и македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ која вели дека се работи за сериозен дипломатски скандал, напиша вчера МКД.мк, кој деновиве ја следи „војната“ меѓу Хрватска и Тозија.

На објавата на Тозија со наслов „Ќе победиме“, во која Тозија продолжува со напади, овој пат кон хрватскиот продуцент Винко Грубишиќ, неговата некогашна сојузничка од Шарената револуција Ангела Илиевска, му реплицира со коментар „НЕ, НЕМА ДА ПОБЕДИТЕ!!!“. Таа во својот статус му забележа на Тозија дека со нападите кон Винко Грубишиќ, тој ја оддалечува јавноста од она што го напишал и се поставува како жртва и одеднаш ја врти темата кон хрватскиот продуцент.

„Внимателно ги следам твоите соопштенија во јавноста, сето она што си го напишал како одговор на обвинувањата дека користиш говор на омраза од позиција на функционер и дека свесно напаѓаш и квалификуваш политичка партија во друга држава се ништо друго освен класичен спин.
Ја оддалечуваш јавноста од она што ти си го напишал, наоѓаш противник, се поставуваш во улога на жртва и одеднаш не си ти темата него некој Винко Грубишиќ, злосторникот’, пишува Илиевска.

Таа му порачува на Тозија дека најмалку што може да направи е да се извини на политичката партија која ја нарекува фашистичка.

„Најмалку што можеш да направиш е да се извиниш од твое име на политичката партија која ја нарекуваш фашистичка, за квалификацијата смрадови на нејзините членови, да се извиниш на премиерот кој доаѓа од таа партија (и случајно таму е и претседавањето со ЕУ). Не ти е првпат ваква изјава, дузина се.  Пред да ја префрлиш топката кај оној што по твое го оштетил буџетот, биди транспарентен пред оние од чиј буџет земаш плата“, пишува Илиевска.

Таа, на насловот на Тозија „Ќе победиме“, му реплицира со „НЕ, НЕМА ДА ПОБЕДИТЕ!
Ќе победат принципите, идеалите и конзистентноста во ставовите на истите тие кои чекореа по улиците против сево ова.
ТИЕ ЌЕ ПОБЕДАТ, ВИЕ НЕ!!!“, пишува Илиевска.

Објавата на Илиевска ви ја пренесуваме во целост.

НЕ, НЕМА ДА ПОБЕДИТЕ !!!

Ти, Горјан Тозија како уметник можеш да ја имаш апсолутната слобода во изразувањето преку уметнично дело НО ти, Горјан Тозија како државен службеник во објавите и коментарите на социјалните мрежи не можеш и не смееш да употребуваш говор на омраза.

Внимателно ги следам твоите соопштенија во јавноста, сето она што си го напишал како одговор на обвинувањата дека користиш говор на омраза од позиција на функционер и дека свесно напаѓаш и квалификуваш политичка партија во друга држава се ништо друго освен класичен спин.
Ја оддалечуваш јавноста од она што ти си го напишал, наоѓаш противник, се поставуваш во улога на жртва и одеднаш не си ти темата него некој Винко Грубишиќ, злосторникот.

Веќе видено и живеено со истото во времето кога заедно ги делевме улиците против истите тенденции.

Кога веќе толку си опседнат со ликот и делото на Винко Грубишиќ и кога толку самоуверено го употребуваш тоа “фронтално сум му се спротивставил” еве ќе пишам дека не е така.
Ти никогаш не си му се спротивставил фронтално, ниту пак сега го правиш истото.

За методите кои ги употребувате ти и твојот јатак од Скопје, влијанијата кои ги остварувате, посетите на истиот во Загреб во некоја друга многу скорешна прилика.

Кога веќе толку сакаш да го употребуваш името на Винко Грубишиќ треба и да напоменам дека тој Винко Грубишиќ го запознав токму преку тебе и познавајќи ве и двајцата по методите на борба и третирање на пријателите, он е морална вертикала за тебе. Потцртај!

И пред на јавноста да и го сервираш како злосторник и крадец на македонскиот буџет треба чесно да признаеш дека некои судски спорови не го велат истото што и ти.

Најмалку што можеш да направиш е да се извиниш од твое име на политичката партија која ја нарекуваш фашистичка, за квалификацијата смрадови на нејзините членови, да се извиниш на премиерот кој доаѓа од таа партија (и случајно таму е и претседавањето со ЕУ). Не ти е првпат ваква изјава, дузина се.

Пред да ја префрлиш топката кај оној што по твое го оштетил буџетот, биди транспарентен пред оние од чиј буџет земаш плата.

И уште еднаш ќе повторам НЕ, НЕМА ДА ПОБЕДИТЕ!
Ќе победат принципите, идеалите и конзистентноста во ставовите на истите тие кои чекореа по улиците против сево ова.
ТИЕ ЌЕ ПОБЕДАТ, ВИЕ НЕ!!!

PS. Номинациите и успехот на македонскиот филм се само заслуга на авторите и учесниците во истите, никако твои. Отсекогаш политиката имала тенденција на присвојување и китење со туѓи перја.

Минатата недела хрватскиот портал ХРсвијет предупреди дека Тозија, како македонски државен службеник, по социјалните мрежи упатува директни навреди на државата Хрватска, на ХДЗ и на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Тозија засега е без одговор во врска со сите овие реакции.