Илир Мета, претседател на Албанија од 2017 до 2022 година, нејзин премиер од 1999 до 2002 година, а сега политичар и лидер на тамошната Партија на слободата, во интервју за „Специјално на денот“ на телевизијата TV Shenja откри зошто пред парламентарните избори дал поддршка на ВМРО ДПМНЕ, а не на некоја албанска партија.

„Немав намера да искажам симпатија, или претпочитање во изборниот натпревар за македонска партија, или за други партии во С. Македонија. Но, природно е што ние не можеме да бидеме рамнодушни: немаме работа само со едно внатрешно прашање на надворешната политика, туку со избор, кој ѝ припаѓа на регионалната политика. Ја ценев кај ВМРО-ДПМНЕ нивната јасна поддршка на Берлинскиот процес. Но, од друга страна, мора да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ имаше став, со кој многу му се покоруваше на ‘Отворениот Балкан’. Исклучок беше сега веќе претходниот претседател (Стево) Пендаровски, кој задржа многу коректен, принципиелен став и јас го ценам поради неговата позиција во врска со многу прашања, кои се деликатни“, ја цитира телевизијата изјавата на Илир Мета.

Додава дека порано имал добри односи и со лидерите на СДСМ, како што се Бранко Црвенковски, Радмила Шеќеринска, Владо Бучковски, Зоран Заев и Димитар Ковачевски.

Претседателот на Партијата на слободата од Албанија, Илир Мета, се осврна и на неговиот однос со поранешниот премиер Никола Груевски.

„Не сум имал некој посебен однос со него. Моите односи беа одлични кога бев премиер (во ист период) со Љубчо Георгиевски, сѐ додека не се случи кризната ситуација во Македонија (во 2001-та) и кога таа ја загуби рамнотежата, бидејќи кризата беше многу тешка за нив“, вели Мета.

Мета го спомена фактот дека во средбите со поранешниот премиер Груевски во 60 минути разговор со него 55 минути зборувал за економија и за странски вложувања.