Ќе се залагам за една република за сите, во која ќе владее законот, а не поединецот. Мислам дека овој концепт ќе биде привлечен за сите граѓани, без разлика на националноста, затоа што јас предлагам универзални вредности што досега недостасуваа во политичкиот живот на Македонија, вели во интервјуто за МИА претседателскиот кандидат Блерим Река.

Река за МИА посочува дека концептот на република е концепт за сите, што не трпи дискриминации, а најмалку на етничка основа. Според него владеењето на правото е основното нешто.

Тој истакнува дека не можеме да градиме партиска држава и оти, како што вели, или ќе градиме држава со владеење на законот, или нема да имаме држава.

Смета дека откако Владата ги реши крупните надворешно-политички прашања повеќе нема алиби, ниту изговор за нови политички договарања, а пред се, како што вели, за статусот и иднината на Специјалното обвинителство.

– Господине Река, на неконвенционален начин, преку Фејсбук, ја објавивте кандидатурата за претседател. Каква кампања ќе водите, кои видови медиуми ќе ги користите?

– Како што и започна неконвенционално, бидејќи сум независен кандидат, така и ќе продолжи – неконвенционално. Нормално дека освен класичните медиуми, ќе се концентрираме и на социјалните мрежи. Ќе ги користиме сите видови социјални мрежи. Затоа што денеска фактички тоа го покажаа и изборите во некои европски држави, па и во САД, Фејсбукот, Твитерот, стануваат едни од најпосетуваните медиуми, така што и ќе продолжиме со овој модел и верувам дека ќе ја постигнеме целта.

– Дали освен од Алијанса за Албанците и од Беса, имате поддршка и од други политички партии, здруженија на граѓани, поединци? Од кого ја очекувате поддршката на изборниот ден?

-Од политички партии се овие две – Алијансата за Албанците и од движењето Беса. Но се повеќе се јавуваат граѓани, организации, кои ја поддржуваат не само мојата кандидатура, туку и целиот концепт и филозофијата на претседателската кампања. Јас мислам дека овој концепт ќе биде привлечен за сите граѓани, без разлика на националноста, затоа што јас предлагам универзални вредности што досега недостасуваа во политичкиот живот на сега веќе Северна Македонија. Така што јас мислам дека граѓаните ќе го поддржат мојот концепт за една подобра Македонија.

– Што ќе биде во фокусот на вашата изборна програма за да ги привлечете граѓаните, со оглед на тоа што граѓаните 27 години остануваат само на ветувања. 

 -Тука е и проблемот. За овие 27 години никој не ги слушал граѓаните на Република Македонија. Тие само ветувале. Сега проблемот веќе е што нема на кого да ветуваат. Четвртина од населението веќе се исели. Уште малку ќе завршиме како празна држава, и граѓаните веќе се имуни од предизборни ветувања. Затоа јас мислам треба нешто да се промени во политичкиот живот на државата, и она што недостасува моментално е републиката. Македонија е држава, но со жалење треба да кажам дека се уште не е република. Република ќе биде кога ќе владее законот, а не поединецот. И јас мислам дека оваа вредност, владеење на законот, овој принцип е прифатлив за сите граѓани, без разлика на националноста. Ако ние успееме да градиме една република за сите граѓани, јас мислам дека постепено и ќе се намали и меѓуетничкиот и меѓурелигиозниот и меѓујазичниот јаз во оваа држава.

– Правник сте по професија, професор. Бевте новинар, амбасадор во Брисел. Како ја оценувате европската перспектива на земјава? Дали ќе добиеме датум за почеток на преговори во јуни со оглед на актуелната состојба околу законот за Специјалното јавно обвинителство (СЈО)?

-Ние имавме една стратешка геополитичка цел. А тоа беше да бидеме што побргу членка на НАТО. И заради тоа ние направивме и некои непринципиелни компромиси. Направивме амнестија за да добиеме двотретинско мнозинство за да се промени Уставот, а сето тоа како предуслов за Грција да го ратификува Договорот од Преспа. Тоа веќе заврши и јас мислам дека веќе Владата нема алиби за нови политички тргувања. Нема веќе алиби, ни изговор за нови политички договарања, а пред се сигурно не за статусот и иднината за компетенциите за Специјалното обвинителство.

Специјалното обвинителство  е еден од главните столбови за функционирање на правната држава во земјата. Ако и овој последен правен столб ни побегне, или ако и овој последен гарант на правната држава го изиграме со меѓупартиски, меѓулидерски договори, мислам ова ќе биде крај на владеење на законот, и ќе биде впрочем тоа на што јас и се противам не може државата да функционира врз основа на волјата на двајца лидери. Ние не можеме да градиме партиска држава. Или ќе градиме држава со владеење на законот, или нема да имаме држава. Мислам дека толку е јасно. Затоа тоа што се прави со Специјалното обвинителство дефинитивно не е она што го очекувавме во 2015 година. Ние мислевме дека Специјалното обвинителство ќе ги затвори сите предмети опфатени со „бомбите“, и сите ќе бидат казнети како што тоа го предвидува законот. Ова веќе станува лакрдија, една политичка игра во која навистина не сакам да поверувам дека ќе заврши со фијаско на Специјалното обвинителство.

– Вие го објавивте концептот за една држава, една република за сите. Тоа значи дека сте за надминување на етничкиот концепт, и за држава во која националноста повеќе нема да се користи за политички пресметки? Како ќе се издигнете над етничкиот концепт во текот на вашата кампања, со каква програма ќе привлечете гласови од Македонците и другите националности, со оглед на тоа дека за сите пред се, е заедничко подобрување на животниот стандард?

 – Јас сум за концептот република за сите, затоа што мислам дека републиката е државна форма. Во таа државна форма треба да има право секој граѓанин на оваа република, кој припаѓа, кој има државјанство на Република Северна Македонија. Досега, со жалење морам да констатирам дека ние имавме една дозирана демократија, имавме некои нови иновации од типот на статистичка нација, од типот на процентуални права, од типот на 20 отсто клуч за остварување на некои права.

Човековите права не се статистичка категорија. Или ги имаш или ги немаш. Нема дозирани права во проценти. Така што јас мислам дека мојот концепт на општи природни права на сите граѓани на оваа држава ќе победи и тогаш врз основа на владеење на законот, секој граѓанин ќе биде рамноправен и сите ќе бидат под законот. Нема да има надзаконски личности како што со жалење треба да констатирам ги имаме се уште.

Концептот на република е концепт за сите. И концептот република не трпи дискриминации, а најмалку на етничка основа. Владеењето на правото е основното нешто.

Дали се надевате дека Македонците ќе Ви го дадат својот глас во голем дел, како што тоа беше во 2009 година година кога Имер Селмани освои изненадувачки околу 150.000 гласови во првиот круг. Можат ли овие, условно кажано, македонски гласови да Ве однесат во следниот круг од гласањето?

-Јас не гледам причина зошто македонските граѓани, т.е. граѓаните од македонска етничка припадност да не гласаат за овој концепт. Затоа, со самиот факт дека мојот концепт е за републиката, значи за државата, што значи за оваа држава во постоечките граници, за територијалниот интегритет, сувереноста на оваа држава. Како тогаш не можам да добијам гласови од граѓаните, кога не правам никаква дискриминација на никаква основа. Јас мислам дека за сите граѓани ќе има подобар живот, ќе има подобра перспектива, ако почне со владеење на законот.

Во спротивно, ние сме на пат за десет, 15 години да бидеме половична држава, или празна држава, затоа што луѓето, граѓаните, ја губат перспективата во државата и како што гледате масовно се иселуваат. А зошто се иселуваат, па заради корупцијата, непотизмот, политизираното судство, заради некои видови кои веќе не можат да функционираат во една права држава. Тоа треба да го запреме што побрзо.

Наспроти ова, според една анкета на СДСМ половина од етничките Албанци во првиот круг гласот ќе го дадат за Стево Пендаровски, а другата половина ќе ве заокружи Вас. Според некои информации, околу 80 отсто од гласачите на ДУИ се изјасниле дека со сигурност ќе гласаат за Пендаровски. Како го коментирате тоа?

– Не знам од кои анкети ги црпите овие податоци, јас исто така имам една анкета според која 57 отсто од членовите на ДУИ ќе гласаат за мене. Значи овие анкети се релативни, статистички податоци и затоа јас сега не би бил заложник на статистиката. Времето ќе покаже кој за кого ќе гласа, и затоа не сакам хипотетички да прогнозирам каков ќе биде резултатот или кои гласови ќе ми припаднат мене.

– Дали сметате дека институцијата претседател треба да има повеќе надлежности, и што би промениле во однос на тоа?

 -Впрочем тука е целиот проблем. Проблемот е во претседателскиот систем. Ние имаме една парадоксална ситуација во државата, во која од една страна имаме многу лимитирани овластувања, компетенции, уставни компетенции на претседателот, а имаме еден енормен легитимитет кој тој го црпи од општите избори. За еден претседател на државата кај нас треба да се обезбедат 500.000-600.000 гласови, а од друга страна, тој има три главни овластувања. Надворешна политика, безбедност и одбрана. Од друга страна премиер односно претседател на државата можеш да станеш и со 200.000 гласови, а имаш енормно повеќе овластувања од претседателот. Мислам дека може да постои една солуција или да се оди на промена на Уставот, во која претседателот во иднина да се избира со двотретинско гласање во Собранието, а компетенциите да останат исти, или во спротивно да се подигнат компетенциите на претседателот, согласно легитимитетот што го добива на избори, тој да има повеќе компетенции. Инаку вака, ние сме затворени некако во два маѓепсани круга.

Првиот проблем е што ние со овој систем знаеме дека Албанецот тешко може да биде претседател со овој вид на систем на избор на претседател. Но исто така овој вид ни укажува дека и Македонецот не може да биде претседател без гласовите на Албанците. Или треба да се промени ова во некој вид воспоставување нова функција потпретседател на државата, во кој секогаш вториот кандидат кој е од немнозинската етничка заедница, би бил автоматски потпретседател на државата. Инаку, постои и таа опција, како што реков, да се избира во Собранието.

– Во изминатиов период бевме сведоци на т.н. „валкана“ кампања, на лажни вести. Дали очекувате лични дискредитации од вашите политички опоненти, и што ќе им порачате на вашите противкандидати?  

 -Од моја страна секако никако нема да има валкана кампања, ниту од мене, ниту од мојот штаб и досега тоа и не беше случај, може да проверите сегде. Инаку против мене веќе почна во предизборието т.н. хибридна војна, со лансирање на некои лажни вести за мене, за моето потекло, за моето семејство, итн.. Но со време тие или престанаа или видоа дека не можат да ги убедат граѓаните со тие невистини. Во секои избори се користат видови на специјална војна против кандидатот. Јас од моја страна ниту мислам, ниту ќе употребам некој вид ни на хибридна, ни на специјална војна против моите противкандидати. Чесно, многу јасно, јавно ќе се борам со дозволените методи против нив. Кој победи, победи.