Повеќе од 20.000 мигранти загинаа во Средоземно Море од 2014 година досега, објави вчера Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

На почетокот од февруари брод со најмалку 91 мигрант потона северно од либискиот град Гарабул.

– Ставот на ИОМ е дека постои итна потреба за зголемување на капацитетите за потрага и спасување во Средоземно Море, изјави главниот аналитичар на ИОМ, Франк Лацко.

Од почетокот на јануари 14.000 мигранти ја преминале западната, средната и источната рута, кои водат до европскиот брег. Најмалку 211 луѓе настрадаа или се водат како исчезнати.

Според ИОМ, минатата година околу 100.000 луѓе успеале да стигнат до брегот на Европа, додека на море страдале 1.885 мигранти.

Иако е намален бројот на смртни случаи во споредба со 2016 година, кога загинаа над 5.000 луѓе, зголемен е бројот на загинати при обидот за преминување на средната рута кон Италија и на западната рута кон Шпанија.