Лидерот на Народна Република Кореја, Ким Јонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп во Сингапур денес потпишаа „историски“ договор кој ќе доведе до „голема промена“, изјавија двајцата претседатели на заедничката прес-конференција по средбата лице-в лице.

Содржината на договорот уште не е соопштена, но Трамп рече дека во текот на денот ќе одржи прес-конференција на која ќе се осврне на неговата содржина.

„Денес имавме историска средба на која одлучивме минатото да го оставиме зад нас, и ние ќе потпишеме и историски документ. Светот ќе виде голема промена“, рече Ким пред средбата со американскиот колега.

Ким и Трамп со поздравувањето направија историски момент и отворија пат за помирување и денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Прв во Капела ризортот дојде Ким пред 9 часот. Ги игнорираше камерите, само замина кон хотелот држајќи во рацете темни очила за сонце. Неколку минути подоцна пристигна и Трамп.

Историското ракување се случи точно во 9.04 часот. Трамп- со насмевка на лицетот го потчукна Ким по рамото, знак на пријателски гест.

„Ќе имаме големо пријателство, немам дилеми“, рече Трамп. „Практиките од минатото и предрасудите кои беа пречки за напредок ги надминавме и сега сме тука. Тоа е вистина“, додаде Трамп.

Двајцата државници првин се сретнаа приватно, лице в лице, а потоа им се придружија и преведувачите. По помалку од еден час беа повикани репортерите кои можеа да го фотографираат сосотанокот кој веќе беше во поширок формат – на страната на Трамп седеа шефот на Белата куќа, Џон Кели, државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безбедност Џон Болтон.