За тоа колку власта е европска говори и вчерашниот настан кој веќе е рутина во главниот град, да се случуваат криминални пресметки меѓу криминални пулени на власта, додека во исто време Спасовски и Ковачевски не убедуваат за европските вредности, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека среде Скопје, во трговски центар преполн со луѓе се случи уште една пукотница додека Ковачевски го убедуваше Ескобар колку оваа криминална влада е европска.

-Во оваа држава криминалците и политичкото водство на државата се едно. Криминалците и истите тие кои се пресметуваат се луѓето чии услуги ги користат властите и затоа е дрскоста со која среде главниот град си се пресметуваат а Скопје го претворија во вестерн стрелиште.

Со години влакно не им фали на криминалците кои се заштитени како бели мечки. Затоа се потребни промени, и затвор за сите кои се огрешиле кон законот, се наведува во соопштението на партијата.

Како што објави Фокус, вчера, две маскирани лица со фантомки на главите, вооружени со пиштоли со пригушувачи и автоматски пушки пукале кон Раде Трајковски – Штекли во подземните гаражи во трговскиот центар „Ист Гејт“ во центарот на Скопје, неофицијално дознава Фокус.

Според информации на Фокус пукањето се случило пет минути пред 16 часот кај „Карбокс“, а напаѓачите излегле од автомобил „Ауди А4“ караван со странски регистерски ознаки.

Пукале кон Штекли кој останал неповреден и избегале во непознат правец. На местото на пукањето е најдена една чаура, а возилото е запалено и пронајдено кај езерото Треска кон Грчец.

Од МВР информираат дека случајот кај нив е пријавен околу 15:50 часот.

-Добиена е пријава дека во гаражите на трговски центар во Скопје едно лице кое било со патничко возило „ауди“, пукало кон Р.Т. (39) од Скопје, но не го погодило. Во возилото, според пријавеното, имало уште едно лице. Повредени лица нема, информира МВР.

Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.