Советот за безбедност на ОН ќе одржи итен состанок во 16 часот по њујоршко време (20:00 часот по Гринич), соопшти актуелниот претседател на Советот за безбедност, Малта.

Состанокот е закажан веднаш по официјалното барање од претставникот на Израел во ОН за итен состанок за иранскиот напад врз Израел.

Хагари: Иран истрела повеќе од 300 дронови и проектили, 99 отсто беа пресретнати

Експлозии и сирени за воздушен напад се слушнаа во Израел рано утринава откако Иран истрела стотици беспилотни летала, балистички крстосувачки ракети во директен напад, објавија израелските медиуми.

Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари изјави дека биле истрелани повеќе од 300 беспилотни летала и проектили, но 99 отсто од нив биле пресретнати.

Хагари рече дека Иран истрелал 170 беспилотни летала, повеќе од 30 крстосувачки ракети и повеќе од 120 балистички ракети, но само неколку балистички проектили стигнале до израелска територија, предизвикувајќи мала штета на воздушната база.

Тој го опиша овој резултат како „исклучително значаен стратешки успех“.

ИДФ соопштија дека воздушната одбрана на Израел е целосно оперативна и ги повтори упатствата за засолниште

Портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари објави видео изјава во која ги повтори упатствата на израелските цивили да останат во засолништата.

„Ве потсетувам дека без разлика од каде доаѓа заканата, кога ќе се огласи тревогата, мора да влезете во засолниште и да чекате таму не помалку од десет минути“, рече Хагари.

– Ќе ажурираме во реално време доколку од вас се бара да останете таму подолг период. Воздушната одбрана е целосно оперативна и ги пресретнува заканите секаде каде што е потребно, дури и во овој момент. Во овој момент, бројни авиони на ИАФ се во воздух, подготвени да се спротивстават на секоја закана, продолжи Хагари.

Тој предупреди дека цивилите „може да слушнат експлозии од пресретнување или паѓање на остатоци.

„Со оглед на тоа што постојат различни закани, предупредувањата може да се издаваат низ широки области“, рече тој. „Продолжете да дејствувате одговорно и смирено како што сте биле и придржувајте се до упатствата. Ние сме силни и способни да се справиме со овој настан“, додаде Хагари.

Иран во писмо до ОН вели дека не бара ескалација

Во писмото упатено до шефот на ОН, Антонио Гутереш и претседателката на Советот за безбедност, Ванеса Фрејзиер, Техеран нагласи дека неговиот напад врз Израел е правен и оправдан чин на самоодбрана од израелските „агресии“.

Иранската мисија во ОН го осуди неуспехот на Советот за безбедност да го осуди смртоносниот израелски воздушен напад врз конзулатот на земјата во Дамаск на 1 април.

– Како одговорна членка на Обединетите нации, Исламската Република Иран е посветена на целите и принципите содржани во Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право и ја повторува својата доследна позиција дека не бара ескалација или конфликт во регионот, се вели во писмото.

Сепак, Иран предупреди дека ќе го брани својот народ и интереси од секакви закани.