Апсурдна е изјавата дека Бугарија ќе се согласи повторно да преговара за условите од преговарачката рамка со Македонија, вели за Бугарското национално радио (БНР) копретседавачот на Демократска Бугарија, Христо Иванов.

Ваква тема, додава Иванов, не е покрената ниту внатрешно, ниту од нашите меѓународни партнери, ниту пак има шанси да се случи, пренесува Њуз.бг.

Иванов изразува надеж дека „министерката за надворешни работи Марија Габриел ќе го промени правецот на однесување кон нашите соседи“.

Тој ја истакна важноста на односот меѓу Бугарите и Македонците.

– Сакаме да се зближиме со нашите браќа, но го постигнуваме токму спротивното. Ние им дозволивме на политичарите од двете страни да инјектираат омраза, вели Иванов.

Доживеавме историски неуспех на полето на дипломатијата, вели тој.

– Покрај одделните формални прашања, мора силно да го преиспитаме нашиот курс во овој поглед. Дозволивме српските и московските агенти да ја доведат ситуацијата до овој распад на односите меѓу двата народа. Имаме многу добра европска рамка која ни дава можности да ги гарантираме нашите права, но има и други алатки кои треба да ги примениме. Тие треба да се спроведуваат ефективно, а не контрапродуктивно, рекол Иванов во интервјуто за БНР, пренесе Њуз.бг.

Целиот текст на бугарски јазик може да се прочита ТУКА.