Претседателот Ѓорге Иванов во текот на денот ќе се обрати пред граѓаните по денешната двеминутна средба со премиерот Зоран Заев и со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров кои го информираа за постигнатиот договор за името, соопшти од кабинетот на шефот на државата.
Република Северна Македонија, ерга омнес, промена на Уставот и постепено воведување на новото име во внатрешноста на земјата, зачувување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, е содржано во договорот, кој вчера во телефонскиот разговор го потврдија премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас, а потоа и ја информираа јавноста во своите земји за постигнатото во обидите да се стави крај на 25-годишниот спор.
Договорот, како што најави премиерот Заев, утре ќе биде разгледан на владина седница и ќе биде презентиран пред сите релевантни политички субјекти.
По потпишувањето на договорот од страна на двајцата премиери, тој треба да биде ратификуван во парламентите на двете држави
Премиерот Заев и министерот Димитров, како што соопшти владината прес-служба, имаа конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина.
Владата на Република Македонија ги повикува сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ.
– Граѓаните конечно добија шанса да испишат ново поглавје во историјата на нашата земја и никој нема право да ги спречува да ја донесат вистинската одлука за македонската иднина, се наведува во соопштението од Владата на РМ