Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска се сретна со претседателката на Владата на Романија Виорика Данчила, која денеска е во посета по покана од Владата на Република Македонија.
Двајцата соговорници констатираа дека односите меѓу двете земји ги карактеризира висок степен на пријателство, конструктивен и отворен политички дијалог.
На средбата, како што информираат од прес службата на Претседателот, биле разменети мислења за актуелните политички случувања во Македонија и во Романија и за предизвиците со кои се соочува регионот на Југоисточна Европа.

Иванов потенцирал дека мирот, стабилноста и безбедноста на регионот се од клучно значење за целиот европски континент.

– За таа цел е неопходно јакнење на регионалната соработка и јакнење на меѓусебната доверба и поддршка, порачал на средбата претседателот Иванов, се вели во соопштението.

Двајцата соговорници разменија мислења за стратешките цели и надворешно политички приоритети на Република Македонија и изразиле подготвеност за натамошно продлабочување на соработката на билатерален, регионален и мултилатерален план.

На средбата, се посочува во соопштението, биле разменети мислења и информации во врска со можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка меѓу двете држави, во сите области од заемен интерес, а посебен акцент беше ставен на потребата од јакнење на економската соработка.