Борис Трајковски се појави во време кога веќе се сметаше дека не е важно дали некој политички лидер е морален или не, се додека добро ја извршува работата.

Принципите, достоинството, визијата, доблеста, вистинитоста беа ставени на маргините на македонската политичка култура, а храброста и истрајноста станаа ретка и скапа работа, рече претседателот Ѓорге Иванов синоќа во своето обраќање на панел дискусијата по повод 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.

Според Иванов, крвавиот распад на Југославија, бегалската криза, долгогодишната блокада на нашата земја, економската стагнација на стопанството, придонесоа кон влошени меѓуетнички односи, а сето тоа се прелеа во кобната 2001 година.

-Во такви услови, Борис Трајковски презеде чекори кои беа нетипични за македонската политичка култура. Го иницираше дијалогот меѓу власта и опозицијата. Ја градеше довербата меѓу луѓето и заедниците, но и меѓу државите од регионот. Веруваше дека кризата во 2001-та може да се реши и со политички, а не само со воени средства. Затоа, беше покровител на процесот што доведе до Охридскиот рамковен договор. Ја преземаше одговорноста за своите чекори. Како и претседателот Глигоров пред него, така и Трајковски сакаше да ги избегне крвопролевањата, истакна Иванов потенцирајќи дека Трајковски верувал дека лидерството вклучува подготвеност да се жртвува популарноста за да се направи она што е вистинското за иднината на нашата земја и нашиот народ.

Иванов потсети дека во таква тензична атмосфера Трајковски беше напаѓан, критикуван и оспоруван од многумина. 

-Неговата понизност беше презрена како знак на слабост. Неговата подготвеност да простува беше сметана за наивност. Но, тој честопати знаеше да каже дека е подготвен да ги прифати сите обвинувања, и притоа да остане посветен на својата цел и уверен во нејзината исправност, рече претседателот Иванов, оценувајќи дека за повеќето луѓе во Републикава, пристапот на претседателот Трајковски бил вистинска енигма, бидејќи малкумина ги разбирале неговите вредности и принципи.

Посочи дека ова се денови кога многу често се цитираат и толкуваат зборовите и се анализираат одлуките на Борис Трајковски.

-Но, верувам дека треба да бидеме внимателни, бидејќи не секој што деновиве се повикува на претседателот Трајковски е верен на неговата визија. Понекогаш целта е да се оправдаат политики за кои едноставно нема оправдување. Но, она што никако не може да биде толкувано на различни начини е неспорниот факт дека Борис и јавно и приватно беше препознатлив по својата насмевка. Таа насмевка беше надворешната манифестација на она од што се раководеше Борис според внатрешните принципи на неговото срце, рече претседателот Иванов.

На крајот тој посочи дека времето покажа дека Борис го одбрал вистинскиот пат. –Сигурен сум дека времето повторно ќе покаже кој чекорел по неговите стапки за да го зачува сето она за што тој се залагаше и во што веруваше. Неговиот завет најдобро ќе го зачуваме преку суштински европски реформи, добри меѓуетнички односи и враќање на дијалогот во политиката, рече претседателот Иванов.