Пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, остро го нападна поглаварот на ИВЗ за време на седницата посветена на пратенички прашања, велејќи дека Реџепи работи незаконски уште кога пред десетина години застанал на чело на институцијата со оружје и закани. Зекири вели дека и покрај промената на власта во Македонија и скандалите кои постојано го следат Реџепи, успева да опстои на позицијата. Потпретседателот на СДСМ јавно од премиерот побара УЈП, Финансиска полиција и Трудова инспекција да ја прочешлаат ИВЗ.
– Сулејман Реџепи ја претвори Исламската верска заедница во свој пашалук каде ги вработи своите најблиски, а не верниците кои навистина ја сакаат институцијата- обвини Мухамед Зекири вчера од собраниската говорница.
Дали ќе влезе некогаш и Финансиска полиција да провери на кој начин се финансира оваа институција, и на кој начин тој менаџира со парите на верниците, запраша Зекири.
– Има ситуации ИВЗ, како и МПЦ, има голем имот, се што е дадено под кирија и под закуп, тој се уште ги наплаќа со „каса-прими“, едно пишува на тефтер, друга сума се наплаќа од луѓето што ги имаат под закуп. Мислам дека е време некој да влезе и да провери што точно овој човек работи во таа институција – истакна Зекири.
На ова барање, премиерот одговори дека државата не е надлежна да се инволвираат во внатрешните процеси на верските заедници во Македонија, но тоа не значи дека некој е надвор од законот. Заев објасни дека неколку државни институции будно ги следат верските заедници во Македонија.
– Трудовата инспекција ќе добие налог лично од мене како премиер, принципиелно да ги провери сите овие аспекти за да можеме преку вас да го испорачаме одговорот кон свештените лица или муфтиите, имамите кои што постојат во Република Македонија, одговори Заев.
Овие обвинувања го разлутија претседателот на ИВЗ Сулејман Реџепи, кој го повика премиерот Заев да го едуцира неговиот заменик, оти во спротивно работата нема да е на арно.
– Него го мачи тоа што јас како јавен лик сум одликуван од претседателот на Албанија и тоа што кога ќе умрам, ќе умрам со чист образ. Тоа ги мачи овие валкани луѓе кои се трудат да се занимаваат со клевети. Ова не е во ред затоа што предизвикуваат незадоволство на ниво на цела Република. Муфтиите побараа итен состанок затоа што сакаат тој да биде едуциран во спротивно работата нема да излезе добро. Ние чекаме да ги евидентираме проблемите, да влеземе во НАТО, да има успешен референдум. Нема да има успешен референдум ако ИВЗ не го поддржи тој референдум. Јас сега не знам зошто не го доведат во ред овој човек кој постојано клевети. Заев да го воведе во ред или да го едуцира неговиот заменик – изјави за „Журнал“ Сулејман Реџепи.
На изјавата на Реџепи реагираше Мухамед Зекири на Фејсбук.
– Jа прочитав реакцијата на Сула на еден портал кој што го спонзоризира и за греота е тоа на какво дереџе паднал овој човек. Навредливите зборови, клеветите и измислиците што ги спомнува, најдобро зборуваат за него. Сè уште мисли дека е некој фактор, дури и си дозволува да се заканува, замислете ќе има референдум и резултатот ќе зависел од него, пишува Зекири.
Тој продолжува:
– Инаку, во вашата реакција, Сулејман Реџепи, си заборавил да одговориш на прашањата што ги поставив во парламентот: Дали е точно дека цената за аџилак оваа година е 4.100 евра или 720 евра поскапо од минатата година? Дали е вистина дека за злоупотребите со визите за аџилак се спомнувате и во еден извештај на Стејт департментот? Дали е вистина дека на аџиите им ги продавате визите по 500 евра, иако истите се бесплатни?
Дали е вистина дека ги злоупотребувате имотите на ИВЗ за вашите потесни интереси? Колку имами и професори има по медресињата и факултетите кои останале без платено пензиско и инвалидско осигурување? Не заборавајте дека за сето ова постојат факти и аргументи, не се измислици или клевети. Пред да се грижите и да се плашите од контролата на финансовата полиција и трудовата инспекција, треба да се плашите од Алах за сите злоупотреби што сте ги направиле досега. Селам Сулејман Реџепи, му порача Зекири.
Тој во П.С. допиша: „За злоупотребите во институцијата што ја водите, постојат многу факти и други детали за кои јавноста ќе биде информирана, не грижете се“.
На настапот на Зекири од собраниската говорница реагираше и ИВЗ.
– Вчера, во Собранието на Македонија, како да почна да пушта корени флагрантната злоупотреба на говорницата. Еден одамнешен противник на ИВЗ кој денес е пратеник, Мухамед Зекири, исфрли серија инсинуации и клевети против Реисул Улема Х. Сулејман еф. Реџепи, кого го обвини со разни клевети. Ова не е прв пат како овој самобендисан во ваква форма да ја напаѓа Исламската верска заедница. Тој го обвини Реисул Улема без никаква правна основа, без никаква одлука или судска постапка. Мухамед Зекири и порано обвинувал на овој начин, но судот ги прогласи тие обвинувања за клевети и за истите го осуди. Вчера, некој се обиде преку устата на мегафонот на екстремистите кои се против ИВЗ, сериозно да го загрози системот и регулативите во државата погазувајќи го достоинството и авторитет како на ИВЗ, така и нејзиниот поглавар, Сулејман еф. Реџепи, кој три децении е на чело на оваа институција и има направено многу за исламот во Република Македонија. Но, се поставува прашањето, какво добро направил за исламот и муслиманите човекот кој клевети, Мухамед Зекири, кој пушта серијата обвинувања криејќи се зад говорницата во Парламентот? Мухамед Зекири со ваквите инсинуации и клевети криејќи се зад говорницата во Парламентот и зад пратеничкиот имунитет, всушност, само го отежнува патот на Македонија кон ЕУ, бидејќи нема европски интеграции со повреда на верски и човекови права, се вели во реакцијата од ИВЗ.