СДСМ ја загрози државата на политички, економски, а сега ја доведува во опасност и на безбедносен план, кога без никаква оправдана причина, министерот Оливер Спасовски се пресметува со припадници на специјалните единици, предупреди ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

– Се делат решенија на десетици припадници на Единицата за специјални задачи „Тигар“ и припадници на Единицата за брзо распоредување кои учествувале во акциите во Диво Насеље и Планинска бура, но и низа други успешни полициски операции. Професионалците кои при насилните протести за случајот „Монструм“ ги штитеа судовите и другите институции сега се предмет на деградирање и шиканирање. Надвор од законот и од системот на кариера, на овие обучени професионалци им се нудат решенија за пониски работни места и позиции за кои и не се неопходни нивните вештини. Доколку не прифатат, според информациите кои ги имаме следуваат закани со откази за нив. Дел од специјалците се префрлаат и со наредба на несоодветни места. Со ваквите потези, власта на СДСМ сериозно ја загрозува борбената готовност и капацитетот на полициските специјални единици, предупреди  Орце Ѓорѓиевски, ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потсетува дека овие специјалци се професионалци кои поминале разни обуки.

– Тие се професионалци кои учествувале во спасувачки мисии во регионот и секогаш биле на располагање во нашата земја. Во обуката на секој од нив се вложени десетици дури и стотици илјади евра. Спасовски и Заев сега одлучуваат со партиско-политичка одлука да ги девалвираат и префрлат во единица за службени кучиња или по куќарките од кои се обезбедуваат дипломатско-конзуларни претставништва. Отворено се сомневаме дека единствената причина поради која што Спасовски го прави сето ова е политичка. Не се во прашање никакви стандарди туку единствено задоволување на барањата на коалициските партнери и полнење на елитните единици по партиски клуч. Со поставување на недоволно обучени и искусни полициски службеници во овие единици се загрозуваат животите и на сите останати. Најстрашно од се е што постои сериозен ризик, цената на политичките пазарења со специјалните полициски единици да ја платат токму нашите граѓани со сопствената безбедност, се вели во реакцијата на најголемата опозициска партија.

Затоа, се вели натаму, ВМРО-ДПМНЕ предупредува СДСМ да престане да си игра со безбедноста на граѓаните.

– Да ги остави професионалците без притисоци да ја обавуваат работата за која што се обучени и за која што имаат најголемо искуство. Тие се најмалку виновни за неспособноста на раководството на МВР и нивната коалиција со криминалот. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите оние на кои што им треба правна помош да се обратат до телата на нашата партија. Сите случаи на злоупотреба се документираат и откако ќе ја вратиме правната држава, истите ќе бидат процесуирани. Колку побргу СДСМ си замине од власт, толку побргу ќе се врати редот и правната држава. Република Македонија ќе победи, нагласува ВМРО-ДПМНЕ.

Со соопштение на прес-конференцијата одговори МВР:- По денешната прес-конференција на политичка партија, на којашто беа изнесени целосно неточни и тенденциозни наводи околу наводно „деградирање и шиканирање“ на припадници на Единицата за специјални задачи при што сето тоа било правено без „никаков респект и причина“, МВР категорично да ги отфрли ваквите неточни, а крајно манипулативни наводи, се наведува во реакцијата на МВР.

Од МВР посочуваат дека е завршено времето на партиско-политичките или кои било други „интересни“ критериуми за професионално работење и напредување во организациските структури на македонската полиција.

– Како и во сите други организациони единици при МВР, така и во ЕСЗ тековно и врз основа на потребите и проценките за извршување на работните задачи од надлежност на Министерството, се спроведува распоредување на вработени, а сето тоа строго согласно постапката утврдена во Законот за внатрешни работи и другите позитивни подзаконски акти и правилници, стои во соопштението од МВР.