Партијата на долгогодишниот премиер на Камбоџа, Хун Сен денеска соопшти дека на вчерашните избори ги освоила сите 125 места во камбоџанскиот Парламент.

– Камбоџанската народна партија освои 77,5 проценти од гласовите и сите места во Парламнетот. Опозицијата не освои ниту едно место, соопшти Сок Ејсан, портпарол на партијата на Хун Сен, кој е премиер на Камбоџа веќе 33 години.

При вчерашното објавување на резултатите, партијата тврдеше дека освоила 80 проценти од гласовите и сите пратенички места на изборите, кои ги бојкотираа водечките политички партии.

Најголемата опозициска партија, Камбоџанската партија за национален спас (ЦНРП), беше расформирана во ноември 2017 година со одлука на Судот, а нејзиниот лидер Кем Сока осуден на затворска казна поради предавство.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сендерс изјави дека изборите не претставувале одраз на волјата на народот на Камбоџа и најави дека Стејт Департментот ќе ја разгледа можноста да стави повеќе камбоџански функционери на листата на лица кои не можат да добијат визи за САД.