Во Вирџинија денеска почнува предвременото гласање за среднорочните избори во САД, со што се започнуваат последните шест недели пред гласањето на 3 ноември што ќе ја одреди контролата врз Конгресот. Во неколку други држави, вклучувајќи ги Ајдахо, Минесота и Јужна Дакота, гласачите сега можат да гласаат рано со лично предавање на гласачките ливчиња во изборна канцеларија или во гласачко место.

Изборите ќе го одредат новиот состав на Претставничкиот дом и дел од Сенатот, што моментално се контролирани од републиканците. Повеќето држави ќе гласаат и за гувернери и локални законодавни тела. Доколку демократите ја вратат контролата врз Конгресот, тоа би го променило политичкиот пејзаж во последните две години од мандатот на претседателот Доналд Трамп, вклучително и со зголемување на парламентарната контрола врз неговата администрација.

Кампањата се одвива во услови на загриженост кај многу Американци за зголемувањето на трошоците за живот, цените на горивото и храната, тековната војна во Иран, брзиот развој на вештачката интелигенција и имиграциските политики на администрацијата на Трамп, јавија американски медиуми.

Во меѓувреме, Трамп продолжува да инсистира на промени во начинот на спроведување на изборите и на проверки на гласачките списоци за лица кои не се државјани. Оваа недела, Врховниот суд го отфрли обидот на неговата администрација да воведе нови ограничувања за гласање по пошта. Досегашните истражувања покажаа дека учеството на лица кои не се државјани на изборите во САД е исклучително ретко.

Изборните службеници велат дека се подготвени за гласањето и дека системот е сигурен и безбеден. Групите за права на гласачите ги повикуваат гласачите кои планираат да гласаат по пошта да ги испратат своите гласачки ливчиња порано, поради можно доцнења во испораката.