Во пожарот што денеска изутрина ја зафати зградата на поранешна Комерцијална банка во Скопје најмногу штета претрпе Државниот инспекторат за животна средина. Пожарот ги проголтал архивата на Инспекторатот и дел од канцелариите.

Дополнително, при гасење на пожарот од водата се уништени и дел од компјутерите и инвентарот во канцелариите на инспекторите, вели за „360 степени“ директорот на Инспекторатот, Фејзула Спахија.

Директорот Спахија не верува дека пожарот е подметнат.

Во надлежност на Инспекторатот, меѓу другото, е контролата на уредувањето на речните корита, хидроцентралите, индустриските капацитети, увозот на отпад – области за кои континуирано има жестоки реакции во јавноста.

Пожарот го зафатил и Секретаријатот за европски прашања, а во зградата се наоѓаат и канцеларии на МИА.

ВМРО-ДПМНЕ бара итна и независна истрага за пожарот во зградата на Секретаријатот за европски прашања и Министерството за животна средина.

Самиот факт што е запалена архивата на државен орган и тоа во неработно време по неработен ден отвора огромни сомнежи за можни злоупотреби и криење од јавноста на документи кои што според оценка на власта не би требало да се дознаат.

Да потсетиме дека ова не е прв случај каде што се уништија документи на државни институции, во минатото бевме сведоци на поплава во СЈО, како и пожар во министерството за правда. Расчистување на овие случаи до сега македонската јавност не виде.

Независно од тоа дали овој сомнеж ќе се потврди или не, факт е дека несовесно е постапувано со архивата на една државна институција, не успевајќи да се сочува тој материјал.

Ваквите сомнежи се основани кога на власт имаме мафија како владата на Зоран Заев.