„На земјата ѕвезди, на небото светулки“ е насловена изложбата на сликарката Катерина Поп-Арсова која денеска (12 август) ќе биде отворена во Ликовниот салон во Велес.
Катерина Трајковска Поп-Арсова, е родена 1990 г., во Скопје, а живее и работи во населба Илинден. Големата љубов кон ликовната уметност, во неа се вкоренила уште од нејзиното најрано детство, гледајќи и растеjќи покрај ликовните дела создавани од нејзиниот татко Новица Трајковски. Уште од малечка била воодушевена од убавината и величината на пејзажните слики создадени од нејзиниот татко.
Студиите по ликовна уметност ги започнала во 2009 г., на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Димитар Малиданов, отсек графика, со конзервација и реставрација, а дипломирала во јуни 2013 г. Графичката уметност била нејзин главен интерес во годините на студирање, за чие време создала пејзажи со многу детали во речиси секоја графичка техника.
За време на студирањето, работела речиси две години во неколку цркви, сликајќи фрески, а учествувала и на повеќе групни изложби и ликовни колонии во повеќе градови низ Македонија. Вљубеник е во природата, која е токму и нејзината главна инспирација, а својот стил го опишува како магичен реализам.

Во нејзините дела пејзажот станува повеќе од приказ на природата. Планините, ноќните предели, ѕвездите и светулките создаваат мистичен свет во кој се преплетуваат земното и небесното, а особено место има Богомила, која за уметницата е силен извор на инспирација.
„Првото нешто кое може да се согледа во сликарството на Катерина Поп-Арсова не е класичен пејзажизам кој нуди само перспектива на природата, туку пејзаж кој ја прикажува перспективата на душата. Пејзажот за Катерина е состојба на духот кој го бара своето созерцание во просторот. Сепак, пред да го осознаеме нејзиниот сликарски свет, треба да разјасниме дека пејзажот не е обичен ликовен жанр. Пејзажот кај големите сликари е приказна за раскошот на нивните духови. Пејзажизмот не е само сликарски правец во кој се изразуваат ликовните принципи, тој не претставува илустрација на просторот“, пишува за нејзиното творештво Никола Пијанманов.

Пејзажот, додава Пијанманов во освртот на творештвото на младата сликарка, не е само слика на природата.
„Пејзажот може да биде огледало на духовните светови и пространства. Тој е рефлексија на невидливото и на внатрешниот свет на уметникот. Постои симболистички пејзаж. Тој ги разоткрива тајните на целиот космос, не само на натуралистичкиот поредок на светот. Постојат пејзажи кои нѐ гледаат нас, не само ние нив. Токму такви се сликите на Катерина Поп-Арсова поставени на оваа изложба. Тие ја носат тајната на нејзината личност“, пишува покрај другото Пијанманов.
Изложбата во Ликовниот салон во Велес ќе биде отворена вечерва во 20 часот, а љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја проследат и во наредните денови од август.




