Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека и дал инструкции на разузнавачката агенција Мосад да им влезе во трага на членовите на раководството на исламскиот екстремистички Хамас кои живеат надвор од Појасот Газа во странство.

– Му дадов инструкции на Мосад да дејствува против лидерите на Хамас, каде и да се, изјави Нетанјаху на синоќешната прес-конференција.

Тој одговараше на новинарска оценка дека лидерот на Хамас Исмаил Ханије и Калед Машал, неговиот претходник, се „еуфорични“ поради војната и очекуваат да продолжат да владеат со Газа кога ќе заврши. Двајцата живеат во странство.

Повеќето високи членови на Хамас живеат во егзил, главно во Катар и Бејрут, главниот град на Либан.

Мосад во последните години беше обвинет за серија убиства во странство не само на палестински екстремисти, туку и на ирански нуклеарни научници.

Фото: МИА архива