Израел денеска одобри серија мерки за ублажување на блокадата на Појасот Газа, вклучително и отворање на голем граничен премин за увоз на стоки на палестинската територија.

Мерките беа соопштени еден ден откако израелските власти дозволија увоз на потребните градежни материјали за реконструкција на Појасот Газа по неодамнешната војна меѓу израелската армија и Хамас.

Тензиите беа високи во последните недели, бидејќи припадници на Хамас, кој владее со Газа, пуштија запаливи балони во Израел и предизвикаа пожари долж границата, истовремено организирајќи серија повремени насилни демонстрации во близина на оградата на границата.

Според израелското Министерство за одбрана задолжено за палестинските граѓански работи, Владата одобрила проширување на зоната во која е дозволен риболов во Средоземното Море во Појасот Газа, отворање на преминот Керем Шалом, зголемено снабдување со вода и бројот на трговци кои можат да влезат во Израел.

Меѓутоа, беше предупредено дека овие мерки зависат од континуираното зачувување на безбедносната стабилност во регионот на долг рок.