Кампањата за вакцинација против коронавирусот во Европската унија започна кон крајот на 2020 година, а целта беше до крајот на септември 2021 година да се вакцинираат 70 проценти од луѓето постари од 18 години.

Европската унија ја постигна својата прва цел за масовна вакцинација против Ковид-19 во голема симболична пресвртница, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Седумдесет отсто од возрасните во ЕУ се целосно вакцинирани, што е повеќе од 250 милиони луѓе, истакна таа во кратка видео изјава, најавувајќи го тоа како големо достигнување.

Фод дер Лајен додаде дека пандемијата не е завршена и ние мора да останеме будни.

Таа воедно повика повеќе Европејци брзо да се вакцинираат, за да се избеге нов бран на зарази и појава на нови мутации.

– Унијата, исто така, треба да им помогне на другите земји да се вакцинираат, бидејќи ние ќе ја победиме оваа пандемија само ако ја поразиме во секој дел на земјината топка, нагласи Фон дер Лајен.

Во Италија досега се вакцинирани 67 отсто од граѓаните. Сепак, тој процент се уште не е доволен за да се постигне колективен имунитет, што експертите веруваа дека ќе се случи до оваа есен. Поради големиот број Италијанци кои не одговорија на апелот да се вакцинираат, а со цел да се избегне ново затворање на земјата и преполни болници, мнозинството во италијанскиот Парламент смета дека единственото можно решение е задолжителната вакцинација.

Повеќе од 14 милиони граѓани на оваа земја не одговориле на сите претходни апели за имунизација. И бидејќи летото се приближува кон крајот, а епидемиолошката состојба се влошува, на последната седница на Владата е одлучено до крајот на септември да се донесе одлука за задолжителна вакцинација за одредени категории граѓани. Засега се вели дека ќе треба да се вакцинираат сите вработени во државните и јавните институции, потоа целиот училишен и универзитетски персонал, но и други категории граѓани.

Државниот секретар во италијанското Министерство за здравство Пјерпаоло Силери истакна дека таквата одлука, иако ултимативна, би била единствено разумна.

– Ова е последен повик за имунизација. Ако до 15 септември не вакцинираме 80 отсто од населението, ќе мора да размислиме за воведување задолжителна вакцина, рече Силери.

Додека бројот на заразени со коронавирус во Италија се зголемува во изминатите неколку недели, а болниците повторно се полнат, 90 проценти од пациентите кои се моментно на лекување, не се вакцинирани или ја примиле само првата доза од вакцината против Ковид-19.

Во меѓувреме, водечкиот американски имунолог Ентони Фаучи изјави дека поддржува вакцинацијата да биде задолжителна за учениците, бидејќи делта сојот на коронавирусот се шири низ САД.

– Верувам дека задолжителната вакцинација на децата од основните училишта е добра идеја. Ова го правиме со децении, кога станува збор за вакцинација против детска парализа, сипаници, заушки, рубеола, хепатитис, рече Фаучи за Си Ен Ен.

Моментно децата под 12-годишна возраст не можат да ја добијат вакцината во САД, но Фаучи во неодамнешното интервју за Еј Би Си нагласи дека до октомври ќе се соберат доволно податоци за да може Американската аагенција за храна и лекови (ФДА) да разгледа дали вакцината е безбедна за деца на возраст под 12 години.

Директорот на Вектор, Рускиот државен истражувачки центар за вирологија и биотехнологија, Ринат Максјутов истакна дека вакцината против Ковид-19 во форма на спреј за нос би можела да биде достапна есента 2022 година по клиничките тестирања.

– Многу лаборатории низ светот работат на вакцина во облик на капки за нос, но досега се тестираат на лабораториски животни. Бидејќи се потребни клинички тестирања, мислам дека вакцината во облик на спреј за нос ќе биде достапна следната есен, рече Максјутов.

Според претходните извештаи, рускиот центар Гамалеја планира да започне со тестирање на овој тип вакцина кон крајот на 2021 година или почетокот на 2022 година, како и да ја регистрира следната година. Центарот, исто така, развива вакцина во облик на капки за нос.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека третата дополнителна доза на вакцината против Ковид-19 е начин да се заштитат најранливите, а не дека тоа е луксуз.

Претходно во август, СЗО објави дека податоците не укажуваат на потреба од дополнително вакцинирање и дека давањето дополнителна доза на целосно имунизирани лица дополнително ќе ја зголеми нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните земји.

– Третата доза на вакцината не е луксуз, кому е одземен на некој што се уште ја чека првата доза. Тоа е начин да се заштитат најранливите, истакна Ханс Клуге, шеф на СЗО за Европа, на брифинг со новинарите.

Тој нагласи дека порастот на бројот на заразени со Ковид-19 низ Европа во текот на изминатите две недели, со ниско ниво на вакцинација во некои земји, е длабоко загрижувачки.