Израелската армија денеска ги бомбардираше студијата на телевизијата на Хамас „Ал Акса“ во Појасот Газа.

Според очевидците во реонот прво биле истрелани најмалку пет ракети без боева муниција како предупредување за да можат да се евакуираат луѓето.

Израелската армија соопшти дека во последните неколку часа од авиони, дронови и тенкови гаѓале над 70 цели на Хамас и Исламски џихад во Појасот Газа како одговор на ракетирањето на Израел.

Претходно, палестински медицински претставници соопштија дека во израелските воздушни напади во северниот дел на Појасот Газа се убиени две, а повредени три лица.

За сега не е јасно дали станува збор за екстремисти или цивили, а претставниците истакнаа дека се работи за мажи од 20-тина години.

Израелското Министерство за одбрана претходно информира дека израелски воени авиони нападнале позиции на терористи во Газа. Во нова ескалација на насилството, израелските сили за одбрана соопштија дека авијацијата почнала да напаѓа „терористички цели во Појасот Газа“ откако палестинските екстремистички организации Хамас и Исламски џихад во заеднички напад од Појасот Газа истрелаа 80 гранати во јужниот дел на Израела, во знак на одмазда поради синоќешното убиство на седум припадници на Хамас.

Меѓу убиените бил и еден од командантите на Хамас.

Израелски медиуми јавија дека Палестинци отвориле оган со минофрлачи од Газа и уништиле автобус во Израел, во близина на границата. Во нападот нападот биле повредени шест луѓе, меѓи кои и еден 19-годишен човек, кој е во критична состојба.

Во Појасот Газа денеска во присуство на илјада луѓе беа погребани седумте припадници на Хамас, а за време на погребот вооружени лица во маскирни униформи извикуваа „одмазда“.