Најнизок економски раст во 2018 година во Западен Балкан ќе има Македонија со 1,6 отсто, а највисок Србија, Албанија и Косово со 4 отсто, објави Меѓународниот монетарен фонд во есенскиот извештај Перспективи на светските економии.

Според последната проценка на Меѓународниот монетарен фонд, се предвидува годинава растот на БДП  на Босна и Херцеговина да изнесува 3,2 отсто.

Хрватска очекува економска експанзија од 2,8 отсто оваа година, а Црна Гора од 3,7 отсто, според извештајот на ММФ.

Прогнозата за Грција е вклучена во извештајот на ММФ за Перспективите на светската економија, презентиран денеска на годишниот состанок  во Бали, Индонезија.

ММФ предвидува раст на грчката економија за 2,4 проценти во 2019 година, што е за 0,6 процентни поени повеќе во споредба со пролетната прогноза, кога Фондот предвиде раст од 1,8 отсто. За оваа година, ММФ предвидува раст на грчкиот БДП од 2 отсто.

Извештајот на ММФ, исто така, предвидува постепено намалување на невработеноста од 21,5 проценти во 2017 година на 19,9 проценти во 2018 година и на 18,1 проценти во 2019 година.

Инфлацијата во 2018 година ќе достигне 0,7 проценти, а во текот на 2019 година ќе се зголеми до 1,2 проценти.

ММФ проценува дека во годините на кризата падот на БДП по глава на жител во Грција достигна 26 отсто.

Извештајот на ММФ, исто така, ги анализира демографските трендови во земјите на ЕУ кои доживеаја двојна рецесија, како што се Грција и Шпанија.

ММФ предвидува дека континуираните ниски стапки на наталитет во иднина ќе влијаат на обновувањето на работната сила и ќе го ослабне долгорочниот економски развој.

Извештајот е објавена на веб-страницата на финансиската институција по повод годишната конференција на Фондот и Светската банка во Бали, која е во тек.