Со СДСМ на власт земјоделието запаѓа во целосен хаос, производителите на пченица веќе на своја кожа ја чувствуваат неспособноста на Зоран Заев и криминалната свита околу него. На недела дена пред жетвата на пченицата се уште немаме потврда дали домашните мелничари ќе го откупуваат домашното производство или не, истакна на денешната прес-конференција Миле Јакимовски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека Заев и министерот Љупчо Николовски ја искомплицираа состојбата во мелничарската индустрија, како што обвинуваат земјоделците пазарот е презаситен со српско брашно, а државата нема никаков одбранбен механизам.

– Имено, Николовски се покажа неспособен да го реши проблемот со увозот на брашното, маркичките и сите оние попратни елементи. Во таа смисла, истиот даде ветувања на 10 мај оваа година дека ќе ја реши до 30 јуни и дека со самото тоа ќе се стабилизирала состојбата пред жетвата, како домашните производители и мелничари ќе можат да ја реализираат жетвата во порелаксиран амбиент. Денеска е 1 јули ситуацијата не само што не е решена туку е и дополнително искомплицирана, а од министерот ни трага ни глас. Мелничарите се закануваат дека нема да откупуваат, а земјоделците се исплашени каде ќе ја пласираат овогодишната реколта, рече Јакимовски.

ВМРО-ДПМНЕ апелира, власта сериозно да ја сфати тешката ситуација и проблемите кои ќе настанат во оваа жетва доколку не се преземат конкретни мерки.

– Конкретните мерки ќе овозможат непречен откуп по достоинствени цени. Николовски и СДСМ не смеат да си поигруваат со илјадници производители на пченица, чија примарна дејност е производството на лебно зрно. Земјоделците чекаат конкретни мерки. Доколку Николовски не знае што и како треба да преземе со цел регулирање на состојбите, тој веднаш треба да си поднесе оставка. Земјоделците не се должни да ја плаќаат неспособноста на Николовски и неговата желба за министерување. За оваа состојба, колку е да се трудите да објаснувате нема да ви биде виновно ВМРО-ДПМНЕ туку вие самиот и неспособната Влада на СДСМ. Јавноста будно ги следи сите состојби, а особено во земјоделството. Соочете се со стварноста и бидете подготвени за заслужената казна на наредните избори, порача Јакимовски.

Тој заклучи дека трпението на земјоделците и македонската јавност се при крај.