Поранешниот министер Миле Јанакиески, кој е еден од обвинетите за уривањето на комплексот Космос, во својот исказ пред Судот, денеска рече дека објектот е дивоградба и повторно побара да биде испрашан и бизнисменот Фијат Цаноски.

Јанакиески, одговарајќи на прашања на неговиот адвокат Еленко Миланов, рече дека направил детален увид во предметот и посочи дека има детален листинг од комуникацијата на Фијат Цаноски во периодот од април 2010 до август 2011.

– Многу е чудно, во тој период господинот Фијат Цаноски има интензивна комуникација со Никола Груевски. Во еден ден од листинзите има осум СМС пораки, а СЈО има презентирано две. Добро е господинот Фијат Цаноски да ни ја каже вистината зошто имам многу сознанија, не сакам да шпекулирам. Што бил мотивот и кој му дал налог да продолжи да гради спротивно? Дали имал ветување дека тоа ќе се реши? На крај на денот да си признае дека некој му рекол гради диво јас ќе ти го легализирам објектот, рече Јанакиески.

Во дополнителна доказна постапка, рече Јанакиевски, сакам да биде повикана да сведочи и Катица Јанева и се обиде да го поврзе со случајот Рекет 2.

Јанакиески, посочи дека не може тој да е виновен затоа што бил прислушуван.

– Не може Миле Јанакиески да е крив и затоа што кревал на телефон, изјави тој.

Случајот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

За делото се обвинети повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.