Наместо ученици, отсега во училишните ходници и дворови ќе дежураат наставници, најави министерката за образование Весна Јаневска.
-Информирам дека МОН испрати допис до сите училишта и општини со кој се задолжуваат повторно да се воведе праксата која постоеше во минатото – за време на големите и малите одмори да има дежурни наставници, наместо дежурни ученици, рече министерката.
Јаневска оценува, како што вели, дека мерката ќе помогне во спречување инциденти и несоодветно однесување на учениците.
-Повторно потенцирам, за поефикасно справување со врсничкото насилство неопходна е и поддршка од сите општествени чинители, а најважно е семејството, родителите и старателите, рече таа.




