Народот на референдумот од 8 септември 1991 година јасно се определи за независна, самостојна и суверена Македонија, но политичките процеси во следните 35 години, беа проследени со низа сериозни пропусти, политички кризи, економска девастација и неуспех да се изгради стабилен правен систем, оцени новинарот, колумнист и директор на МИА Дарко Јаневски, во гостувањето на првата емисија „За македонските работи“ на Љупчо Цветановски на ТВ Алфа.
Осврнувајќи се на 8 септември 1991 година, Јаневски се потсетува дека како 25-26-годишник бил меѓу граѓаните кои ја прославувале независноста на плоштадот во Скопје.
– Преполн беше плоштадот, беше убаво, владееше атмосфера. Иако некои од нас предвидуваа дека следат тешки времиња, кога е таква вечер нормално не размислуваш за тоа, вели Јаневски.
Според него, во годините пред и непосредно по референдумот постоела значителна разлика меѓу расположението на граѓаните и ставовите на тогашните политички елити.
Тој потсетува дека на референдумот огромното мнозинство граѓани се изјаснило за независна и суверена Македонија, иако, како што вели, главните политички актери во тој период главно се залагале за зачувување на Југославија во некаква федерална или конфедерална форма.
Според него, иако дел од тогашните политички актери се залагале за некаква форма на федерална или конфедерална Југославија, расположението на граѓаните било поинакво.
– Ние живееме во некаков филм на единство, на обединување. Треба да се каже еднаш и да се расчисти таа работа дека главните политички актери во тоа време, освен ВМРО, тогашно на Љупчо Ѓоргиевски којшто потоа ја изневери и ја предаде Македонија, сите беа за федеративна Југославија. Да не се лажеме сега дека нешто и сите се удирале во гради. Едно беше народот. Да не заборавиме дека 90-та година на изборите, освен ВМРО коешто беше за конфедерална Југославија, сите партии беа за зачувување на федерација. Меѓутоа атмосферата кај народот беше поинаква и така помина тој референдум, со 95/6 отсто гласање „за“, бидејќи луѓето едноставно сакаа независна, самостојна, суверена Македонија итн. Иако верувам дека многумина беа свесни дека следат потешкотии, меѓутоа не до тој степен до којшто ни се случија и коишто можеше и мораа да се избегнат, а коишто за жал, подоцна не беа санкционирани, вели Јаневски.
Како една од најцрните точки во изминатите 35 години, тој ја издвојува економската транзиција во првите години од независноста.
Посочува дека на 31 декември 1992 година во Македонија имало 190.000 евидентирани невработени, додека шест години подоцна, според неговите истражувања, бројката била значително повисока од официјално објавената.
– Официјално беше 255.000, лажеа, и тоа го докажав во тогашниот „Фокус“. Бројката беше 330.000 невработени. За шест години Македонија остави 140.000 луѓе без работа. Тоа се 140.000 семејства, сите тие имаат деца. И денес, во денешно време, кога се зборува за иселување и за тоа кој бил виновен итн., се заборава тоа време кога не се изгради правна држава, кога постоеше само една партија, настрана што им помогнаа Љупчо Ѓеоргиевски и Петар Гошев со она излегување 94-та, со оставање на Бранко Црвенковски и Стојан Андов самостојно да владеат и да прават што сакаат во Парламентот. Тоа се 140 000 судбини уништени за шест години. И тоа е една од најцрните точки во овие 35 години – вели Јаневски.
Според него, проблемот не бил само во губењето на работните места, туку и во тоа што не бил изграден систем на одговорност.
– Мафијашка транзиција којашто никогаш не беше санкционирана и немаше волја да се санкционира – оцени Јаневски.
Тој смета дека ниту промената на власта не довела до расчистување со претходните злоупотреби.
– Дури ни ВМРО кога дојде на власт во 1998 година, не сакаше со тоа да расчисти, туку влезе во таа шема, и на тој начин добивме еден комплот од сите партии кои ја прифатија таа транзиција и тој криминал како нешто што е сосема нормално – вели Јаневски.
Како пример го издвојува случајот со ТАТ.
– Немој некој да го заборави, на пример, ТАТ, кој донесе стотина самоубиства. Значи, настрана парите и слично на тоа – вели Јаневски.
Нагласи дека без расчистување со неправдите од минатото не може да се изгради правна држава.
– Не можеш да одиш напред без да го санкционираш тоа претходно, без неправото да го исправиш. Не може на неправо да дојде нова партија и да гради правна држава, не може. Како што гравитацијата е природен закон и значи дека ако пуштиш еден предмет тој ќе падне на земјата, општествен закон е дека не можеш на неправо да изградиш право. Ние го направивме тоа – вели Јаневски.
Посочи дека економските политики од првата деценија на независноста создале долгорочни последици.
– Во 2004 година стапката на невработеност достигнала 38 проценти. Тотална, тотална девастација и катастрофа. Најголема економска криза во светот се смета големата депресија 1929 – 1933-та година. Луѓето мислат дека најпогодена е Америка, односно Соединетите Држави. Не, Соединетите Држави имаат 25 отсто невработеност. Отворете ги фотографиите од тоа време, ќе видите редици на луѓе како чекаат пред кујни за брза храна. Најпогодена е Германија. Тотална катастрофа, тотална девастација. Знаете колку има невработеност Германија во тоа време. 33 отсто. Ние имаме 38 отсто. Груевски доаѓа на власт 2006, мислам дека е кај 36 отсто невработеност. Како сакате да направиме држава со толкава невработеност – потсети Јаневски.
Според него, последиците не биле само економски и го поврзува тоа со денешните процеси на иселување.
– Тоа создава ментален склоп кај луѓето, којшто ментален склоп вели: „Бегај одовде што подалеку“. Коренот треба да го бараме во филозофијата која ја изградивме, а која вели: на неправо, ние ќе се обидеме да изградиме право – истакна Јаневски.
За конфликтот во 2001 година, тој смета дека станувало збор за однапред осмислена операција.
– Јас и денес сум убеден дека тоа беше смислено сценарио. Значи не може никој да ме разубеди во спротивното – вели Јаневски.
Тој се присетува дека во тој период бил заменик-главен уредник на „Вечер“ и дека редакцијата била преокупирана со аферата „Големото уво“.
– Ако се сеќавате некаде на средината на јануари излезе Бранко Црвенковски со снимки. За разлика од Зоран Заев, тој не ги емитуваше тие снимки, меѓутоа излезе. Ние два месеци се занимававме со тоа прислушување, со тоа „Големо уво“ на Бранко Црвенковски и практично не ја видовме војната којашто доаѓа – вели тој.
Како дел од тогашните настани ги споменува и Танушевци и тврдењата што, како што вели, ги слушале од одредени разузнавачи.
– И кога сето тоа, сите тие коцки од почетокот ќе се сложат, јасно е дека тоа беше една смислена операција којашто требаше да доведе до малку поинаква Македонија. Не случајно потоа Љупчо Ѓеоргиевски излезе со онаа идеја за размена на територии. Тоа беше промовирано во, идејата беше промовирана во МАНУ, беше поддржано од тогаш значајни високи функционери. Тоа не беше, не беше случајно. Се на се, една крајно грда епизода – оценува Јаневски.
Говорејќи за периодот од 2015 до 2017 година во кој се случија „Шарената револуција“ и СЈО, Јаневски смета дека биле дел од пошироко политички сценарио, иако, како што вели, дел од граѓаните кои протестирале имале реални причини за незадоволство.
– Жал ми е за тие луѓе што настрадаа, за тие што останаа без работа, меѓутоа од друга страна некако ми е бедно кога ќе се сетам на сите оние што го гушкаа ГТЦ, па ја фарбаа Порта Македонија. Па колку треба ниско да се спуштиш за да го правиш тоа за да дојде до таму, не знам, овие после домашни да се разменуваат или да се бакнуваш со Бојко Борисов во договор во којшто, не знам, сега искокнаа сите како Јотова рекла дека имаме заедничка историја. Во договорот пишува, потпишан од наша страна, во преамбулата пишува. Во преамбулата пишува дека имаме заедничка историја и тоа помина. Па што не реагиравте тогаш. Што не станавте тогаш. Меѓутоа, повторно беа сите структури вклучени во тоа. Да не се лажеме, јас не велам целосно и едни и други, меѓутоа поединци сериозно, сериозно одработуваа за да го заштитат тоа што го украдоа итн, рече Јаневски.
Посебно се осврнува на формирањето на Специјалното јавно обвинителство.
– Кога се формираше СЈО, јас тогаш бев главен уредник на „Дневник“, со една од колешките ја водевме работата за тоа дека таа институција е противуставна, едноставно тоа не е спорно за никој, дури и студент на прва година на право, и ја туркавме таа работа за целиот процес да падне пред Уставниот суд. Тоа беше една гнасна, гнасна игра во којашто за жал многу луѓе настрадаа, некои ги изгубија животите, некои си навлекоа болести, многумина останаа без работа. Меѓу другото затоа беше и угасен „Дневник“ онака преку ноќ, стотина, 70-80 луѓе останаа без работа. Тогаш се изложи и целиот срам на новинарството во Македонија како продадено, како прашање е дали воопшто може да се нарече новинарство. – вели тој.
Според него, последиците од начинот на кој функционирало СЈО биле сериозни за довербата во правосудството.
– Мене ме интересира функционирањето на правниот систем којшто беше, не дека тој постоеше претходно, меѓутоа тогаш беше земен, искинат и фрлен во вреќа за ѓубре. Крајно. Не постои веќе правен систем. Мојата теза е дека тоа и сега мора и може да се поништи, сеедно што веќе тој закон не е дел од правниот систем. За жал овој состав на Уставниот суд е беден и тоа не го прави, бидејќи знаете, не може да не го поништите тоа. Не може да не го поништите и да остане дека тоа постоело како регуларен дел од правниот систем на Република Македонија, или шест пати кажете Северна, сеедно веќе, не е во овој момент за тој предмет не е битно. И тоа така останува, никого не го интересира тоа. Не може тоа да опстане. – вели Јаневски.
Тој смета дека токму тоа подоцна го отежнало повторното градење доверба во институциите.
– Зошто некој судија или обвинител би се отепувал од работа, сеедно што нивните плати во споредба со просечната плата, се повисоки. Зошто, кога државата го толерира милионското богатење на овие коишто згора на тоа се неуставни и незаконски. Не постои можност тоа да биде уставно. Нека земе секој, нека прочита таму што постои и како е регулирано Обвинителството во Македонија, во Уставот на оваа држава. И кога тоа така проаѓа, одете сега вие изградете таков систем, правен, правосуден, нагласи Јаневски.
Како уште еден проблем го посочува недоволното соочување со наследството од поранешниот систем.
– Ние тој систем којшто го наследивме од комунизмот, ние не го исправивме никогаш, не го санкциониравме тој систем, не ги санкциониравме злосторствата што беа, кодошењата. Па каков отпор имаше кон онаа комисија за лустрација. Дрва и камења се фрлаа во оваа држава, зошто. Ете ги документите. И ние не истрајавме во тој процес и на крај ја укинавме таа комисија затоа што Европа така ни рекла. А добро, ако Европа ни го укина лебот утре, што правиме, забележа Јаневски.
Тој во гостувањето во емисијата „За македонските работи“ се осврна и на атентатот врз првиот претседател Киро Глигоров во 1995 година и авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски.
– Мене ми е страшно жал за тој атентат 95-та година, бидејќи без оглед на моето мислење за Киро Глигоров, тој сепак беше за класа две повеќе од оние што останаа откако врз него беше извршен атентатот. Човекот беше, имаше мудрост, имаше политичко искуство. Проблемот негов беше што не поднесуваше друга партија, и што они всушност во тој период ја прифатија тезата на Милошевиќ нека има повеќе партии, ама парите да дојдат кај нас, ние ќе ги земеме фабриките, па нека има повеќе партии, голема работа, не е битно, ние секогаш ќе владееме со ова општество. Тој беше елиминиран за да се тргне една пречка којашто имаше огромен углед во народот, а којашто велеше – „Сите ја сакаат Македонија, епа не може“ – рече Јаневски.
И за авионската несреќа кај Мостар во која загина претседателот Борис Трајковски, смета дека било атентат и посочи дека со години го истражувал случајот.
– Шест месеци ми требаше да склопам приказна, не приказна којашто ќе ја продадам, да дојдам до нешто што даваше некаков одговор на тоа што се случуваше со „Кингерот“ – вели тој.
Според Јаневски, неговите истражувања упатувале на сценарио во кое авионот добил сигнал да започне со спуштање порано.
– И јас сум убеден дека тоа беше наместено сценарио. Успеав, мислам, да го откријам и начинот на којшто е сторено, со онаа минута и колку секунди кога нема сигнал, па потоа добива авионот сигнал, меѓутоа веќе апаратите му покажуваат дека е преблиску до аеродромот и тогаш почнува да се спушта – вели Јаневски.
Но, истовремено, вели дека нема доволно докази за конечен заклучок.
– Според мене, тоа беше атентат. Јас тоа не можам да го докажам, кога некој би го побарал тоа од мене, меѓутоа јас можам да презентирам сè што сум истражувал. И тоа, шест месеци ми требаа за првиот текст, а сето тоа траеше година, две, три итн. Мислам дека тоа беше класичен атентат. Тоа што е проблем е што никогаш не успеав да дојдам до цврст мотив – рече Јаневски.
Тој во гостувањето во првата емисија „За македонските работи“, сепак, нагласи дека покрај критиките кон политичките процеси, постои и нешто што го смета за суштински позитивно – постоењето на македонската држава.
– Да не се лажеме, овој народ, не неговите политички гарнитури од 90-та и 91-ва, овој народ ја оствари идејата на којашто ја пропагираа Гоце Делчев итн. Јас ги набројувам често, Јане Сандански, Леонид Јанков, Ѓорче Петров, не знам, Турунџе, којшто … Пази, има луѓе коишто во оваа држава коишто сметаат дека ако му се направи споменик лани, тоа ми беше кажано, ако му се направи споменик на Турунџе тоа всушност значело дека неговото бесење политички се искористува. Значи, нема ние да му направиме споменик на човек којшто бил обесен пред деца, пред жена итн., за некоја партија да не добие два поена плус. Тој ментален склоп, ние имаме проблем, меѓутоа во крајна линија пак ќе се навратам, Никола Карев, Питу Гули, зошто се вратил он назад да се бори. Зошто не избегал за Бугарија. Таму ќе си отворел дуќан, кога ќе се смири целата работа ќе се врати. Не, се вратил. Така што тоа е една од величествените работи којашто во овие 30 години е остварена, а тоа е дека имаме Македонија, макар на овие 37 посто. Тоа е така, тоа е зацементирано и така ќе остане, меѓутоа тоа е направено. Што внатре се случуваше со ова што зборувавме. Граѓаните и оние што ќе ја гледаат оваа емисија треба да разберат, не го зборуваме тоа за да, не знам, ловиме црнила, туку зборуваме со цел. Јас кога го пишувам тоа го пишувам, кога го кажувам го кажувам со цел тоа да се исправи, да се посочи што е лошо за да може да се исправи, за да може на овие деца што идат по нас да им оставиме подобро, затоа што ние од 82-ра до 83-та од времето на Милка Планинц, кога снема кафе, зејтин итн., еве цел живот ни помина во некаква криза. Зошто да оставиме нашите деца да го живеат истиот живот. Не, затоа го зборуваме ова, а нема ништо да направиме ако донесеше ти во емисија прскалки сега тука и да се смееме – истакна Јаневски во гостувањето на емисијата „За македонските работи“ на ТВ Алфа.




