Дарко ЈАНЕВСКИ
Бог да чува и да брани! Немало разлика меѓу нападот на Конгресот во САД и настаните од 27 април 2017 година во Македонија, воскликна министерката за чоколада и апетисани, Радмила Шеќеринска.
И потоа како слуга кој дотрчува кај турскиот бег кога овој ќе плесне со рацете, се распишуваа и почнаа да се расфрлаат со пароли нафатираните загари на СДСМ. Едни дека немало разлика како што кажа нашиот Ајнштајн на привремена работа во МО, други дека имало разлика, оти ете од Трамп сите се откажале, ама се друго било исто, оти насилниците се насилници и таму и овде, наспроти нашите напатени комуњарско-удбашки напатени душички кои сите од ред се за „мир во светот“. Како впрочем и секоја „мисица“.
Зашто, да се вратиме на клучната поента, нашето беше тероризам, а ете и Бајден рече дека тоа нивното било тероризам. Тероризам од Американци среде Америка. И тероризам од небањатите среде Северна! Гледате – се е исто!
Само што, во САД никој нема да биде обвинет за терористичко загрозување на тамошниот уставен поредок. Во крајна линија, тоа е работа на самите Американци. Наша работа е гнасната манипулација што кај нас се прави со ова. Перверзно лудило кое вели: Аха, ете, гледате, вие сте исти како овие насилници кои ги виде цел свет и кои ги осуди цел свет!
А, разлика има! Клучната е во тоа дека кога демонстрантите влегоа во Капитол Хил внатре се одржуваше легална седница и расправа во нивниот законодавен дом за изборните резутати. Седница која легално беше закажана и која беше водена од легално поставен прв човек.
Спротивно од ова, демонстрантите од „За заедничка Македонија“ на 27 април влегоа во македонското Собрание откако легалната седница во тој ден заврши во 18 часот и една минута. И откако претседавачот Трајко Вељановски договорил продолжението да започне следниот ден во 11 часот. Значи имаме завршена седница за тој ден и имаме закажано продолжение за наредниот ден.
Е, тогаш следи дивото, неуставно и неделовничко собирање на сдс-овци и интергративците и гласање со две раце за „команданти Флорина“. Кој ја закажал таа седница која и не е седница туку приватен собир на група пратеници? Никој. Каде е легалниот претседавач Вељановски? Го нема. Како тогаш без легална седница е избран претседател на Собранието и кој уставен поредок го загрозија демонстрантите кои влегоа внатре? Дајте му на самиот Сорос да го разгледа случајот и дури и тој не ќе може да каже дека тоа што е сторено со изборот на Џафери не е класичен пуч. Пуч видлив и од Месечината. Криминал и бандитизам. Ама не од тие од што влегоа внатре, туку од тие што беа внатре.
А, тие што влегоа во Собраниетона РМ? Секој од нив може да биде гонет за некое дело, ете ги Американците имаат цел дијапазон – од неовластено влегување на државен имот, што кај нас веројатно би било некакво нарушување на јавниот ред и мир – до уништување на имот, насилство за оној кој тепал итн. Ама не и тероризам. „Тероризмот“ го сторија тие што веќе беа внатре. Добро, не сите. Во пучистите и терористи не спаѓа хорот златни славејчиња од ВМРО-ДПМНЕ за кои дури ни Сорос не би се изјаснил. Би се фатил со глава и би рекол – со овие ли се заебававме толку време за да смениме едно име на државата и да избришеме еден народ?
Така, одговорот на прашањето кој во таа приказна направи пуч, како што пееја посочените славејчиња, се чини е сосема јасен. Како и одговорот на прашањето кој го урна уставниот поредок во Македонија. Ене ги денес се распослани по фотелји и едно нешто што имаат на ум е како одново и одново да ја продаваат Македонија за да им остане што подолго време за крадење. Од што еден дел даваат на загарите. За да можат да лаат ако некој друг пријде премногу блиску до дворот.
Како што рековме, за разлика од тоа, во САД се одржуваше легална седница на која се расправаше за тоа дали имало или не криминал на изборите. Тие што влегоа внатре прекинаа легална седница која продолжи за некој час. При што имаше пет жртви. И при што според ниту едно обвинение досега, нема тероризам. Хммм, чудно, нели! Но, ајде да видиме!
Е, сега, ако сега повторно од Вашингтон се префрлиме во Скопје – пак ќе дојдеме до тоа дека кај нас, немаше тероризам, туку тој беше измислен за да дојдеме до Северна, до краватата од Заев до Ципрас и до претставата што сега ни ја прави Каракачанов, кој за цела Македонија, а посебно за удбашката комуњарија која одеднаш почна да не ја сака ЕУ, стана како средна страница од Плејбој. Сеедно што и самата Рускоска призна дека во нашиот случај не станувало збор за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ (иако веднаш потоа тропна друга глупава кваификација), со што стана единствен обвинител на светот кој застапувал обвинение по дело за кое смета дека не е сторено.
Значи, тоа е клучната и суштинска разлика меѓу случајот во САД и случајот во Македонија. Втората е во причините за тоа. Само кај нас не се споменува зошто дојде до влегување во Собранието. Ние сме веројатно единствена земја во светот каде за обвинителството и за судиите не е битно зошто некое дело, за кое изрекуваат 211 години затвор, било сторено. Не се бараат мотивите, не се бараат причините. Ама, тоа не е битно, зашто така ќе дојдат до пучот на СДСМ и ДУИ. Кој беше добро испланиран и нарачан. Третата е кој го предизвика сето тоа, четвртата е во…, но во крајна линија тоа и не е битно за овие редови.