Дарко ЈАНЕВСКИ
Вчера Венко Филипче на Твитер се пофали дека Македонија добро се справувала со корона вирусот и дека го загрижувале обратните тврдења според кои имаме најголем број починати во регионот. А и нас, бидејќи кога тој е загрижен, нормално, и ние сме. И ЛидеЛиде, и Арнаудова. И оние со Шилеговача и „корона чао“. Што по автоматизам го загрижува и Бојко Борисов кој си слуша песнички од Северна во автомобил, онака случајно. Не оти некој му ги пратил и го замолил да се сними, за да може овдешните подлизурковци од тоа да прават пропаганда. А загриженоста на Филипче го загрижува веројатно и Жути. И уште некои негови ортаци, инаку вмровчиња во срце. И во џеб. Што, се заедно, не води кон една општа загриженост. И депресија. А кога сме ние депресивни, тоа повторно го загрижува Филипче. Што повторно не загрижува и нас. И одново не води кон депресија…
А, замислите да не е загрижен. Денеска веројатно не ќе имавме 58 заразени со четири мртви. Зашто, како што вчера се пофали Филипче, Македонија имала стапка на смртност од Ковид 19 од 5,8, а замислете една Словенија имала стапка на смртност од над 7, БиХ имала стапка од над 6, а 6,2 имала и Грција. Со над шест проценти смртност бил и светот. А Филипче, не не, не Филипче, тој е скромен, Република Северна Македонија (кога се чита името на државата, тоа Северна два пати треба да се повторува) со само 5,8.
Ете така! Да си знаете. Замислете, сам против светот и го победува. Светот на една страна, Филипче и Северна на друга. Сами. Ама, не бадијала го крстија „Супермен Филипче“ и „свети Филипче кој ја убива короната“. Свети Ѓоргија, кој успеа да убие само една обична аждаја, нека прости, еден ден ќе мора да го отстапи и столчето и коњот и денот кога му е празник.
Супер. Ама како што рековме, дванаесетина часа подоцна, ете ни го Филипче на прес да ни објасни дека денеска имаме 58 новозаразени и четири починати. За што, нормално, виновен е народот, односно граѓаните. Не ги почитувале мерките. Како што и оние што умреле, си се виновни што биле болни, стари, што имале притисок, што касно дошле… Што ни открива дека не случајно велиме „болен е“, пушти го. Така, што, народот е крив. А, инаку Филипче си е супер. Денеска, како и синоќа. Само што коњот кој го јава кога ја убива короната малку ја шинал ногата. Оти му се разлабавила потковицата. За што е виновен тој што потковува, се разбира.
И дотука се е во ред. Арно ама, има еден проблем во неговата пресметка. Ако ни биде дозволено да укажеме. Онака, срамежливо. И со половина глас, за да не ги реметиме аплаузот и плескањето за министерот.
Имено, процентот со кој се испофали Филипче е изведен според методот кој брои ковчези од вкупната бројка на заразени. Па така, Македонија (се извинувам Филипче – треба да стои Северна) со вчерашниот ден кога имаше 2077 заразени и 121 починат, има стапка од 5,8 отсто и со тоа ете, испадна шампион и во однос на Словенија која со денови наназад нема новозаразени, која запре на 1 473 позитивни и 108 мртви. Значи, Словенија има помалку позитивни од нас, помалку мртви од нас, при тестирани 75 578 лица (Македонија има 27 023 тестирани заклучно со вчерашниот ден), а според Филипче полошо се справила со корона вирусот.
Ја гледате разликата? Словенија има речиси три пати повеќе тестирани од нас, помалку заразени од нас (ние над 2000, Словенија под 1500) и 13 помалку починати лица од нас (повторувам, податоци од вчера, денеска продолживме да блескаме, а Словенците да тонат без ниту еден починат).
Ама според методот на „Гушни го Филипче“, Словенија полошо се справила со кризата од нас (читај „од него“), зашто така му вели стапката од методот кој тој одбрал да го примени. Не се сомневаме дека тој метод може да се најде и на некоја страница на сајтот на СЗО. Тоа е онаа организација која на почетокот на кризата велеше дека маските се штетни и дека кога кашлате треба да ја кренете раката до устата и нема да има проблем. Методот ќе го најдете веројатно и во студии. И главно служи за да се направи споредба меѓу смртноста која ја предизвикуваат различни типови болести или вируси. А не за тоа како една држава се справува со епидемијата.
Инаку, според методот на Филипче, заклучно со вчера, ние сме на исто ниво со САД кои имаат стапка на смртност од 5,85 (Македонија – 5,8). САД инаку имаат 103 000 мртви и 1,8 милиони заразени. Се разбира, имаат и 300 милиони жители наспроти нашите два милиони (од кои според партијата на Филипче и разни бабулиња 500 000 беа фантоми, а 600 000 беа иселени, нели, а ене му го и Владе Милчин кој редеше чевли пред Владата за да може Филипче од советник на министерот Смрт, самиот да стане министер и да купува респиратори од Бразил кои никогаш не дојдоа, да му објасни дека според тоа имаме 1,4 а не два милиони), и тука се менуваат работи.
Оти, кога вака ќе погледнете на работите, САД имаат 312 мртви на еден милион жители, наспроти нашите 60 мртви на еден милион, и 5 346 позитивни на еден милион, наспроти нашите 1 040. Е сега, исто се справуваме со кризата или не? Ја гледате и овде разликата? Дали навистина мислите дека кај нас кризата има ист интензитет како и во САД (со највисок степен на мобилност во светот меѓу граѓаните, поради развиената економија, наспроти МКД каде има градови во кои со денови никој ниту влегува, ниту од нив излегува), како што покажува методот на Филипче или сепак, 300 мртви на еден милион не е исто што и 60 мртви на еден милион, иако двете стапки се идентични!?
Па сега вие видете кој манипулира! Филипче кога тврди дека блескаме или бројките кои велат дека имаме 60 мртви на еден милион жители, наспроти Албанија со 11 мртви (стапка околу 3 отсто), Грција со 17 мртви (ама стапка над 6), Бугарија со 18 (стапка 5,4), Србија со 28 мртви на еден милион (стапка од само 2,1), БиХ со 47, Хрватска со 23. Е, да, тоа е истата Хрватска, која како и Словенија, е на чекор до Италија. Италија, од која навистина сме подобри. И од Белгија. Ама да се фалиш со тоа во оваа ситуација е како да се фалиш дека си поелоквентен, да не кажам попаметен, од неговиот шеф Заев. Оној шеф со „ајро, ајро“, со „чукамо се у грудима“, со тепсијата, со жичката македонска…
Инаку, според методот на Филипче, тој (ете пак грешка, треба „ние“) полошо стои од еден Иран кој наспроти нашата стапка од 5,8 има стапка од 5,3 починати. Истиот тој Иран има 91 мртви лица на еден милион жители. Блиску до Германија која има 102 мртви на милион, но и стапка од 4,7. Што значи, има повеќе мртви од нас, но подобро се справува со кризата според стапката на Филипче. Ама тоа е Германија, нели, не е ни чудно што со нашите 5,8 сме за влакно сме полоши, влакно кое во случајот со Иран е уште потенко, зашто Иранците имаат стапка од 5,3, според методот на Филипче.
И вака можеме да редиме уште примери. Но, бадијала. Затоа заеби бројки. Ние сме супер. Малку народот не ни чини, ете не носи маски, седи по кафеани, инаку се е ок. Под услов да ти се погоди методот. Метод, според кој, ако мериш стапка на породеност кај бремените жени ќе ти испадне 100. Освен, тука и таму некој несакан случај.
Патем, денеска ОЈО побарало директорката на Филипче, Цаца, да биде осудена со парична казна од 10 000 евра. Заразила седум луѓе, тврди ОЈО, што му доаѓа помалку од 1 500 евра по човек. Плус одела на работа. Па била на симпозиум. Тоа е инаку Обвинителството на Јовески. А Цаца е лекарка. Не е некој ѕидар кој мисли дека корона е заебанција. Па сега оди Филипче БЕ, ти на тој во Сарај објасни му дека работава е сериозна. А ако се сеќаваш, Цаца е од твојот блескав дрим тим. Поради која нешто пелтечеше на прес конференцијата.
И да, еве, само што шефот твој Заев, оној кој пиел со Хемингвеј во барот на Куба, кој ги рецитира Лорка и Превер во три наутро, во осум ги бара слабостите во теоријата на Ајнштајн, а во десет му држи лекции на Нуриел Рубини по економија, пишал дека виновен за се ова е Чулев. Оти не казнувал. Што е точно. Оти Чулев, наместо да го закачи на бандера за јакната оној вашиот Георгиевски од Гази Баба, а ти да ги построиш пред тебе Дрљача евроинтегративецот, неговиот шеф, и сите други со кои шурувавте среде криза за да не ви се налутат, тој уште го правдаше дека бил да смирува ситуација. Наместо да го однесе твојот премиер Спасовски на распит во полициска станица зашто имаше собрано десетина луѓе околу него, некои без маски, делејќи флаери, тој си молчеше. Наместо да ти поднесе пријава зашто ги оставивте медицинарите без опрема, тој пак си молчеше. Е, па виновен е, богами виновен е.
Но, заеби тоа. Еве Канал 5 шета по кафеани и ни кажува дека вчера имало качувања по маси и бакнувања. И дека и инспекторите биле разочарани. Замисли, министерот загрижен, инспекторите разочарани. Но што да правиш, поган и глуп народ, маме му ебам, не ги сфаќа сериозно ни министрите, ни Владата, ни обвинителите. Ни твојот партиски лидер. Чудно.
А, кој знае зошто е тоа така? Затоа, мислам дека следна мерка на Комисијата за заразни болеси треба да биде задолжение, секоја кафеана на масата треба да има по еден флаер од оние со Супермен. Да им стои на луѓето пред очи.
Инаку, до кај сте со датумот, не оној за ЕУ кој лани го добивме, туку оној за изборите. Што вели шефот твој?