Дарко ЈАНЕВСКИ

Додека се „палиме“ на Бугарите, вреди да го разгледаме следното:
-Гоце Делчев е од Кукуш;
-Кукуш е во Грција и веќе и за нас не е Кукуш, туку Килкис;
-Загинал во Баница, село кое е во денешна Грција, но денес нема грчко име зашто не постои;
-Според Договорот од Преспа, односно како последица од него, ние сме три коси црти, а Македонците се Грци;
-Според Преамбулата на нашиот Устав усвоена за да се задоволат Грците, ние сме само една етничка заедница на територија која сега се означува како Северна, име инсталирано со уцени, закани, предавства и поткупи, наспроти референдумот на граѓаните, но не и на легален начин;
-Ние тврдиме дека Гоце е Македонец, ама Македонците се Грци, а тие Македонци кои не се Грци всушност се Бугари;
-Бидејќи Гоце никако не бил Грк, тогаш останува дека ние всушност им го подаривме на тацна на Бугарите, ама не со договорот со Бојко, туку со договорот со Ципрас, што не смее да се спомне зашто ќе ни се налутат „големите“, а ние никако не сакаме да им ставаме саклма на нивната нежна душа;
-Договорот со Борисов е само логична последица на Договорот со Ципрас;
-Но, за да останеме „гуски во магла“ тука се Бугарите кои добро ја играат улогата на „лошиот полицец“, иако заради МК имаат доживеано три национални катастрофи (1913 – Балканските војни, 1914-1918 – Прва светска војна, 1941-1944 – Втора светска војна) додека Грците станаа „добриот полицаец“;
-Од друга страна, ако има Македонци кои не се Грци, ама потпишавме дека нема, тогаш и Гоце може да биде Македонец, а Бугарите нека го третираат како сакаат;
-Следствено на ова, ние можеме да се „палиме“ на Бојко и Каракачанов колку сакаме, ама кога ќе ги погледнеш и двајцата, очигледно сме ја утнале работата со сликите. А, работите нема да се изменат, па дури и ако нивната слика ја смениме со сликата на Захариева. Гоце го дадовме тогаш кога Заев му ја даде вратоврската на Ципрас. Се друго потоа е само техника!