„Почитувани, татко ми повеќе не е задржано лице! ,,Артефактот“ си замина дома. Бескрајно сакам да верувам во случајности, во погрешно место и погрешно време. И, да, секој чесен човек треба и мора да верува во независноста и непристрасноста на судот и обвинителството. Бескрајно ви благодарам на сите за поддршката кон мене и моето семејство. Не знам како да ви се оддолжам освен со ветување дека следниот мој филм ќе биде подобар од овој.

И уште една добра вест! Центарот за култура ,,Ацо Шопов“ во Штип се согласи штипската премиера на филмот ,,Ругање со Христос“ да се одржи на 9 октомври, вторник, во 19.30 часот во големата сала. Подготвуваме квалитетна проекција на слика и звук, и се разбира, како и во Скопје со присуство на актерите и екипата на филмот.
Браво на штипјани. Ги повикувам и другите градови да го следат Штип. Директори, управи, одважете се, чувството е прекрасно, верувајте ми!“

Ова е последната објава на режисерот Јани Бојаџи во врска со приведувањето на неговиот татко и во врска со  натамошното прикажување на филмот „Ругање со Христос“ низ кино салите во РМ.

Како што веројатно веќе ви е познато, татко му кој има 75 години беше приведен вчера непосредно пред скопската премиера на филмот кој Владата не го сака, наводно заради трговија со артефакти.

Истовремено, Бојаџи објави дека сите кино сали во РМ одбиле да го прикажат филмот, иако претходно се согласиле на тоа.