Од самите почетоци ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека случајот 27-ми април е политички фабрикуван случај без докази, без аргументи и дека е наменет за политички притисоци, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на денешната прес-конференција.
– Педесетина луѓе со месеци се предмет на политички прогон со цел Заев да може да тргува со нивната слобода, а за возврат да бара поддршка за договорот со Грција за преименување на Република Македонија. Со месеци луѓе се држат во притвор, пратеници, уметници, обични граѓани беа жигосувани за терористи. Невини луѓе станаа жртва на прогонот на Заев. Ова јасно покажува дека власта не само за 27-ми април, туку и за други случаи против луѓе од ВМРО-ДПМНЕ води политичка хајка само за да тргува за нивната слобода. Крајно неморално и крајно неетички, рече Јанушев.
Ова, додва тој, е исто така и порака до судскиот систем и обвинителството.
– Им се суди на невини луѓе, тоа не се терористи. На овие луѓе им е потребна правда, на Македонија и е потребна правда и правичност, не политички монтирани и фабрикувани случаи. Заев треба да им се извини на семејствата кои се под политички прогон, режиран токму од самиот Заев и власта. Ова мора да престане и само така може да има помирување. Правдата мора да стигне и затоа бараме нова обвинителска институција која ќе ги истражи сите случаи каде има сомнеж за нарушување на законот и која непристрасно ќе ги анализира фактите и доказите. Еве прилика на Заев да докаже дека е за вистинско помирување и за правда без никакво условување. Ослободете ги луѓето од политичкиот прогон и од притворот и овозможете правда за овие луѓе со гаранција на нивната презумција на невиност, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.