Раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски е навикнато на стариот принцип на интервенции на извршната врз судската власт, соопшти денеска СДСМ, чиј лидер Зоран Заев денеска во Собранието на РМ понуди трампа „амнестија за гласови за поддршка на договорот за Северна“.

– Тие ништо не научиле и како да заборавиле дека помина времето кога нивниот поранешен, а сега осуден премиер рецитираше изрекување притвори и судски пресуди. Македонија има независно и професионално судство, ниту Мицкоски ниту Груевски, ниту кој било друг не може да интервенира врз судски одлуки. Мицкоски и раководството да престанат да се интересираат за амнестии и да дадат одговор дали се за национално обединување или не? Дали се за НАТО и ЕУ или не, се вели во партиското соопштение.

Натаму во соопштението се вели:

– Конечно, ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ одлучи и понатаму, по секоја цена да ја блокира иднината, го повикуваме секој пратениик да се издигне на висина на овој историски момент и да гласа за членство на Македонија во НАТО и ЕУ и за подобар живот за сите граѓани. Ако тоа не се случи, мнозинството во Собранието ќе изгласа предвремени избори на кои ќе бидат обезбедени потребните 2/3 во Собранието. Македонија ќе победи во која било варијанта, но прашање е дали раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на страната на изолацијата или ќе избере просперитет за земјата, соопштуваат од СДСМ.