Судот во Осака денеска пресуди дека забраната за истополови бракови во Јапонија не е противуставна, со што им се нанесува голем удар на борците за правата на ЛГБТ заедницата во земјата.

Три истополови двојки – две машки и една женски поднесоа тужба до Окружниот суд во Осака, но судот го отфрли нивното тврдење дека забраната на истополови бракови во Јапонија е во спротивност со Уставот, како и нивното барање за отштета од еден милион јени (околу 7.061 евро) за двојка.

Јапонија е единствена земја-членка на Г-7 што забранува истополови бракови.

Минатата година Судот во Сапоро пресуди во корист на тврдењето дека забраната на истополови бракови е противуставна.

Според јапонскиот Устав бракот се заснова на „заемна согласност на двата пола“, но анкетите покажуваат дека јавноста сè повеќе ги поддржува истополовите бракови. Минатата недела во Токио беа воведени партнерски права за истополовите двојки.