Ниската излезеност на референдумот е израз на се поголема замореност од политиката во Македонија. Многу граѓани се едноставно уморни од сите спорови во политиката, изјави претставникот на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија, Јоханес Раи денеска на Македонско-германскиот форум во Скопје „Градиме мостови – политики и економија“.

– Веќе 3,5 години сум во Македонија и имав можност да запознаам многу луѓе. Мојот впечаток е дека се повеќе и повеќе граѓаните немаат желба да ги слушаат игрите на политичарите и да бираат она што се бара од нив „или си со нас или си против нас“, вели Раи.

Посочува дека многу од граѓаните на Македонија одлучија да ја напуштат државата.

– Триста илјади Македонци живеат во странство, меѓутоа има и други бројки кои велат дека тоа се можеби 400 илјади или половина милион. Никој точно не ја знае бројката на иселените Македонци, истакна Раи.

Дојдено е времето, вели тој,  да се запре овој одлив на мозоци, а за тоа е потребно да има политички систем и институции кои функционираат.

– Моето мислење е дека сега по референдумот не се потребни нови избори. Она што е потребно е попис и прочистен Избирачки список. Простете што ќе го кажам и ова, но чудно е кога ни претседателот на Собранието не може да се најде на Избирачкиот список и не може да гласа на референдумот, вели Раи.

Германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих, пак, повика опозицијата да не го блокира процесот и да се најде решение во Собранието. Рече дека лично се надева оти опозицијата ќе се вклучи во процесот и нема да ја оддалечува земјата од Европската Унија и НАТО.

Амбасадорот Герберих жали што излезеноста на референдумот била само 36 процети.