Јавното претпријатие за државни патишта потпиша договор за изградба на заштитна ограда на обиколница Битола, со цел зголемување на безбедноста и заштита на учесниците во сообраќајот и на локалното население.
– Изработивме проектна документација за заштитна ограда на обиколница Битола и од вкупната должина на обиколницата (L=8 km), констатирано е дека има потреба за поставување на бариери на еден дел од обиколницата во должина од L=1,013 кm, соопштија од ЈПДП.
Од претпријатието наведуваат дека со поставувањето на звукозаштитни и заштитни бариери ќе се обезбеди сигурно и безбедно одвивање на сообраќајот на овој потег, бидејќи населението коешто живее на овој потег во голем дел го попречува нормалното одвивање на сообраќајот со тоа што фрла отпадоци и обиколницата е претворена во локална депонија.
– Делницата на која е предвидено да се постават бариерите започнува пред почетокот на мостот до влезот на тунелот со тоа што на крајните делови ќе се постават ѕидови за да се спречи и поминување на пешаци, информираа од ЈПДП.