Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, одговори на барањето на шпанската Влада за финансиска помош во справувањето со мигрантската криза и порача дека европските фондови се ограничени.

Во писмо испратено вчера до шпанската Влада, како одговор на барањето за помош на Мадрид од 25 јули, претседателот на ЕК напиша дека го дели „чувството на итност“ на Шпанија, но дека европските фондови за миграција се „ограничени“, пишуваат шпанските медиуми.

Откако Грција и Италија ги затворија мигрантските рути, Шпанија стана главниот влез на мигрантите и бегалците во ЕУ. Пред неколку дена само, над 600 мигранти во Сеута, шпанска енклава во Мароко, го пробија ѕидот и влегоа во Шпанија.

Според статистиките на шпанското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на оваа година, над 17.000 илегални мигранти пристигнале во Шпанија преку море, а над 3.000 преку енклавите во Мороко, Сеута и Мелиља. Шпанските власти предупредуваат дека приемните центри во земјата не успеваат да се справат со пристигнувањата на бегалците.

Во овој контекст, Мадрид бара помош од ЕУ. Шпанските власти во писмото до ЕК побараа средствата за управување со пристигнувањата на своја територија, но и помош за Мароко, долгогодишен сојузник на ЕУ во сузбивањето на илегалната миграција.

Во одговорот, Јункер порача дека ќе бидат веднаш ослободени фондови за поддршка на шпанските гранични сили, но дека тоа нема да ги намали брановите на бегалци и мигранти. Претседателот на ЕК во писмото додава дека влошената состојба со граничните контроли во Мароко бара „многу поголем“ финансиски напор, и дека ЕУ фондовите за помош на Африка се „ограничени“.

Во 2015 година ЕУ етаблираше фонд за Африка, кој треба да помогне за контролирање на миграциските текови во африканските земји, од каде потекнуваат или транзитираат мигрантите, но земјите членки на ЕУ не издвоиле онолку средства колку што ветиле.

Освен тоа, ЕУ во последните десет години издвојува специфични средства за Мароко. Во декември земјата доби шест милиони евра за опрема, а вкупно во последните години доби 100 милиони евра поддршка за миграција, порача Јункер.

Но, само за споредба, на Турција и се ветени три милијарди евра за истата цел.