Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, синоќа во гостувањето на ТВ 21 говореше и за нивната одлука за покачување за 78 отсто на платите на функционерите.

Таа во емисијата Клик плус објасни зошто Уставен суд донел таква одлука.

– Знам дека кај граѓаните и натаму има голем гнев за таквата одлука. Но, ние како Уставен суд цениме уставност на закон. При носење на одлука ние не знаеме дали тоа ќе има импликации врз буџетот. Постои Закон за исплата на плати за избрани и именувани функционери. Членот 11 е јасен, дека платите се пресметуваат според просечната плата согласно со утврден процент. Од 2009 година почнуваат измени на тој закон, и се носат 12-13 измени, рече Кацарска.

И, запраша, што се прави?

– Се внесува стриктно износ врз основа на кои ќе се исплаќаат овие плати, без да биде променет членот 11. Имаме две различни одредби. Државен завод за ревизија при контрола на работењето на Собранието, констатира дека Собранието незаконски и спротивно на член 11 ги пресметува платите на пратениците. И се препорачува да биде применет членот 11. ДЗР тоа го констатира. Немавме друга можност поинаку да одлучиме освен да поведе постапка за членот 4 за Законот за измена и дополнување.  Ако зборуваме реално, оваа постапка требаше да заврши за поништување на членот 4, рековме не нема да поништуваме, ќе одевме со укинување. Затоа што ако поништивме, ќе требаше илјадници евра ќе требаше државата им исплати за изминатите три години на фунционерите за оние кои ќе тужеа, а јас сум убедена дека повеќемината ќе тужеа, рече Кацарска.