Непознати напаѓачи ја убиле градоначалничката на Котиха, град во западниот дел на Мексико, Јоланда Санчез Фигуероа, соопштија утрово регионалните власти.

Владата на државата Мичоакан го осуди убиството на претседателката на општина Котиха.

Потрагата по одговорните за убиството е во тек.

Локалните медиуми јавија дека напаѓачите биле вооружени цивили во комбе и оти нападот се случил на улица.

Во септември минатата година, Санчез Фигуероа беше жртва на киднапирање недалеку од Гвадалахара.

Убиството се случува 24 часа откако за првпат во историјата на земјата жена беше избрана за претседателка на Мексико. Клаудија Шајнбаум Пардо, кандидатка на левичарската партија Морена на изборите минатиот викенд освои речиси 60 отсто од гласовите.