Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас изјави дека Европската унија продолжува со зајакнување на поддршката за Украина преку нови финансиски и санкциони мерки.

Калас по пристигнувањето на специјалниот состанок на Европскиот совет наведе дека е одобрен заем од 90 милијарди евра и усвоен 20-ти пакет санкции, со порака дека државите членки сакаат и подготовка на 21-ви пакет санкции, како би се испратил јасен сигнал до Русија дека ЕУ нема да се откаже од поддршката за Украина, наведено е во соопштение на ЕУ.

Калас истакна дека се разгледува и преиспитување на претходните ограничувања во врска со санкциите, како и дополнителни мерки на притисок.

Зборувајќи за Блискиот Исток, таа наведе дека судирите во регионот имаат пошироки последици и оти е неопходно дополнително да се делува во правец на мирот и стабилноста. Таа посебно ја истакна загриженоста дека преговорите би требало да го опфатат не само нуклеарното прашање, туку и ракетната програма и, како што рече, поддршката на иранските посреднички групи.

Калас нагласи дека слободата на пловидба е „неспорна“ и оти Ормуската Теснина мора да остане отворена и да не биде пречка.

Исто така наведе дека ЕУ разгледува зајакнување на постојните поморски мисии АТАЛАНТА и АСПИДЕС преку дополнителни капацитети и средства, како дел од поширокиот безбедносен пристап во регионот.