Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 31 август. Денеска е Положување на појасот на Пресвета Богородица.

Празников е востановен во спомен на чудесното исцелување на византиската царица Зое, сопругата на Лав Мудриот, со посредство на појасот на Богородица што се чуваше до тоа време во Богородичната црква во Влахерна, Цариград. Подоцна, еден дел од овој појас беше пренесен во Грузија, во градот Зугдид, каде се чува до денес.

По своето успение, Пресвета Богородица му го даде својот појас на апостолот Тома. Тој појас подоцна беше пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, што ја изгради царицата Пулхерија. Овој ковчег никогаш не се отвараше, сè до времето на царот Лав Мудриот (886–912). Сопругата на Лав, царицата Зое, душевно се разболе, и според некое таинствено видение посака врз неа да го положат појасот на Пресвета Богородица. Царот го помоли патријархот, па го отворија ковчегот, го извадија појасот и го положија врз болната царица. Таа веднаш оздраве.

Во спомен на тоа чудо се востанови овој празник. Дел од тој појас се наоѓа во Грузија, во Зугдид. Имено, ќерката на царот Роман се исцели со помош на овој појас и подоцна, кога се омажи за царот Абухаз Грузиски, таа понесе дел од појасот со себе.

На заповед од рускиот цар Александар I изградена е посебна црква во Мингрелија во Зугдид, каде се чува тој дел од чудотворната облека на Пресветата Божја Мајка.

КАТОЛИЧКИ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Иван Златоуст

Бил роден во Антиохија во 349 година. Живеел аскетски живот и кога станал свештеник успешно ја вршел проповедничката служба. Во 397 година бил избран за цариградски бискуп. Обземен со омраза кон царскиот дворец бил приниден двапати да оди во заробеништво. Царицата Еудоксија која ја предупредил дека треба да ги почитува правата на сиромашните, му се заканила со смрт. Свети Иван и рекол: „Освен од гревовите, од ништо не се плашам на овој свет”. Поради големите прогонствата, умрел во 407 година. Бил извонреден говорник и затоа го нарекувале Златоуст.