Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9 ноември.
Денеска е Преподобен Јован Колов.
Покрај преподобна Матрона и свештеномаченик Онисифор, Црквата денес го слави и Јован Колов. Тој е еден од најголемите египетски подвижници од првите векови. За него е доволно да се каже следново. Јован Колов отишол во пустината кај некој тивејски старец и останал кај него. Старецот го насадил својот сув стап и му рекол: Полевај го секој ден со една кофа вода, дури не даде плод. А водата била толку далеку, што Јован тргнувал одвечер, а се враќал наутро. После три години, стапот оживеал и дал плод. Старецот го набрал плодот, го однел в црква, и им рекол на браќата: Земете, јадете од плодот на послушноста.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Сесилија.
Живеела во третиот век. Таа е една од најзначајните личности на раното христијанство. Според легендата, Сесилија секој ден одела на миса на папата Урбан. Била осудена на смрт поради верувањето во Христос и поради одлуката да биде девица. Таа во христијанскиот свет е најсовршен пример на христијанска жена која поради верувањето во Христос живеела девствено и во мачеништво. Сесилија е заштитничка на песната бидејќи умрела пеејќи.