Црногорскиот митрополит Михаило ја обвини Српската православна црква (СПЦ) за непочитување на мерките против коронавирусот и изложување на верниците на голема опасност, но и за манипулирање со датумите на смрт на митрополитот на СПЦ во Црна Гора Амфилохие и на српскиот патријарх Иринеј.

Тој посочува дека ова се два начина на кои Српската православна црква манипулира со верниците, пренесува Радио-телевизија на Црна Гора.

– Првиот: оние што тврдеа дека на верски собири не можно заразување со коронавирус, ги изманипулираа верници за политички цели, без да го земат предвид нивното здравје, само за да ја добијат власта на изборите во август, и тоа го направија“, вели Михаило.

Верниците со тоа се доведени во смртна опасност, додава тој.

– Бидејќи неодговорните и злонамерните ги уверуваа верниците, не само дека со коронавирусот не може да се заразат на масовни религиозни собири ако имаат вера, туку и дека не можат да се заразат ако се причестат со истата лажичка.За жал, смртта на српскиот митрополит Амфилохије и патријархот Иринеј покажа и докажа дека за тоа не одлучуваат ниту високи, ниту пониски свештени лица, а особено не политичари, туку одлуката е во Божји раце, рече митрополитот на ЦПЦ, која, како и неколку останати православни цркви не се канонски признати поради политички причини.

Тој вели дека двата начина на манипулација се за осуда.

– Не беше доволно за овие политиканти да предизвикаат повеќе смртни случаи со незаконски и неодговорен однос кон мерките на Нaционалното координативно тело (НКТ), туку тие, исто така, се обидоа да ја инструментализираат смртта на епископот Амфилохије и патријархот Иринеј, кои починаа од последиците на Ковид, заради националистички цели, на длабоко неправославен начин, посочува Михаило.

Тој тврди дека Српската православна црква ја криела смртта на покојниот митрополит Амфилохије, кој, како што изјави Михаило, починал на 29 октомври.

– Само за да ги подеста да соопштат дека починал на 31 октомври, денот кога се претстави Свети Петар Цетињски. Тие беа претркани од медиумите, кои веднаш ја објавија неговата смрт и ги ставија во непријатна позиција, па следниот ден го зедоа како датум на смртта. Ист е случајот и со патријархот Иринеј, кој почина на 19 ноември. Тие се обидоа да го сокријат датумот на смртта за да го поврзат со Аранѓеловдан на 21 ноември, но и во овој случај медиумите ги спречија, и ги принудија да ја објават неговата смрт, во овој случај со еден ден доцнење, рече митрополитот.

Сето тоа, како што додава, со цел да ја поврзат нивната смрт со овие два важни црковни датуми и да ја протолкуваат како излевање на Божјата милост, особено на овие „двајца високи свештеници, кои на тој начин, навидум се препорачуваат за светители“.

„Тие веќе објавија дека, како и Грците и Црногорците, имаат тројца архиереи: Свети Петар Цетињски, Његош и епископот Амфилохије, иако на третиов не му е место меѓу црногорските архиереи, затоа што божем починале на ист ден, што наводно е крунски доказ за Божјата милост што се излева врз Српската црква во Црна Гора и нејзините водачи. Ги повикувам и ги молам неразумните и неодговорните кон православната вера да се вразумат и да не бидат воведени во врска што не може да се воспостави, да не се шират соблазнување меѓу верниците за народот да не отпаѓа од нашата православна вера. Нека бидат прочитани зборовите на Светото Писмо: „Твојата вера ти помага, но верата без дела никому не помага“, заклучи владиката Михаило.

Инаку, српскиот патријарх Иринеј ќе биде погребан денеска во крипта во храмот Свети Сава, а предвидено е да се обратат и српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Претседателството на БиХ Милорад Додик.