Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 март.

Денеска е Св. апостоли Иродион, Флегонт, Ермо и други.

Покрај дванаесетте апостоли, Христос испрати и други седумдесетмина да ја проповедаат радосната вест за ослободувањето на човекот од неговата гревовна приврзаност кон земната прав. Меѓу тие 70-мина беа и апостолите што Црквата ги слави на денешен ден. Иродион му беше роднина на апостол Павле. Тој и го спомнува него во едно од своите посланија. Иродион настрада од Евреите. Флегонт беше епископ во градот Маратон во Тракија, а Ермо во Далмација. Покрај овие, денеска се слават и апостолите Руф, Агав и Асинкрит.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Анзелмо.

Свети Анзелмо е роден во 1033 година во градот Аоста, во северниот дел на Италија. Живеел монашки живот и се одлучил да стапи во бенедиктинскиот ред. Напишал многу дела, меѓу кои најпознати се “Монологион” или Пример за размислувањето за верата, како и “Прослогион” или Верување кое бара разумно оправдување. Поради големата способност и светост станал надбискуп во местото Кантербуриј. Како надбискуп се борел против мешањето на англиските кралеви во внатрешните работи на црквата. Умрел во Кантербуриј, во 1109 година.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР

Времето за ифтар и суфур

Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:27 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 56 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.