Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 6 февруари.

Денеска е Св. Фотиј Цариградски и преподобен Вукол Смирненски.

Свети Фотиј живеел во деветтиот век. Се родил во Цариград, во аристократско семејство, и стекнал одлично образование. Бил еден од најучените луѓе на тогашна Византија. Предавал во познатата Магнаурска школа, каде се учел и словенскиот просветител свети Кирил. Во 858 година бил посветен за цариградски патријарх. Посебно се прославил со неговата борба против искривувањето на верата од страна на римската црква. Преподобен Вукол е првиот епископ на град Смирна. За епископ бил поставен од свети апостол Јован Богослов.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Конрад.

Бил роден во 1290 година во Пјаченца. Кога имал 23 години се занимавал со лов. Еднаш кога бил на лов, палејќи оган предизвикал пожар во едно село. За пожарот бил осуден еден човек кој бил случаен минувач во селото. Тогаш проработила свеста на Конрад и тој им се јавил на властите обврзувајќи се дека ќе ја надокнади штетата. Го извршил ветувањето и станал многу сиромашен. По несреќата неговата жена, Еуфрозина влегла во фрањевачкиот манастир во Пјаченца, а тој отишол на југот на Сицилија и живеел покорен живот. Несреќата со пожарот била повод Конрад да започне да живее според Божјите заповеди. Умрел во 1351 година.